Работи што не треба да им ги правите на децата ако сакате да бидете добар родител
Понекогаш, желбата на родителите да им помогнат на децата, ги преминува границите и прераснува во недостаток наместо предност.
Возрасните не треба да живеат за децата и тие се тука само за да им помогнат да прераснат во зрела личност и да стекнат искуство.
Ако им го скратуваме искуството и можноста да се изразат себеси, може само да ги уназадиме.
Постојат некои чести грешки кои родителите ги повторуваат па доколку не сакате да бидете таков родител, погледнете што не треба да правите.
Да зборувате наместо детето
Понекогаш родителите се избрзуваат и знаат да одговорат нешто што се бара од детето. Со оваа навика ги кратите можност за развој на говорот и комуникацијата на детето,
Оставете го само да зборува за тоа што сака и за тоа што го прашуваат. Воздржете се и дајте му збор или само потпомогнете му доколку гледате дека му оди тешко.
Да се обидувате да му бидете пријател
Сосема е нормално родителите да сакаат да бидат блиски со децата и да им кажуваат се, без да имаат никакви тајни.
Но, покрај тоа, не мора да посакувате да бидете и пријатели и да правите сè заедно.
Пријателите на децата треба да бидат на нивна возраст, на исто ниво, со исти интереси и активности.
Затоа, не се наметнувајте, одржувајте блиски односи, но оставете ги децата да се дружат со нивните врсници и да уживаат во годините.
Да ги служите
Децата, дури и на 2-3 години веќе може сами да научат да си ги соблекуваат и облекуваат чорапите или панталоните. Понатаму како малку по малку растат, тие можат и целосно да го прават тоа, можат сами да си ја кренат чашата, да ви помогнат со диплење на своите алишта и сл.
Немојте да им бидете слуги и да ги научите да не знаат ништо сами да прават кога ќе пораснат, само затоа што сте сакале да им угодите кога биле мали.
Да го бирате нивниот вкус
Многу често родителите се обидуваат да им го наметнат на децата нивниот вкус за музика, книги, филмови или стил на облекување.
Можеби изгледа за вас како добра намера, но на крајот тоа ја брише индивидуалноста на детето.
Секој има право на свој вкус и стил, а ако ви се поклопат, тогаш одлично.
Броење на парите
Во животот на детето, како што расте, доаѓа период кога ќе добива џепарлак. Но, тоа што вие им го давате истиот, не значи дека постојано треба да го испитувате и контролирате.
Наместо тоа, научете го детето на основите на трошењето, но и на штедењето, наместо постојано да го контролирате и да ја изгуби довербата.
Бирање на хоби и интереси
Исто како и за вкусот и стилот, така немате право и вие да бирате дали детето ќе тренира фудбал, кошарка или пак ќе оди на часови по музичко.
Оставете го детето само да одлучи што го интересира и во која насока сака да се развива.
Не ги пренесувајте вашите желби и интереси врз него како нешто што мора да биде така. Ваше е да понудите и да советувате, не да наметнувате.
Доделување заеднички заслуги
Мајките многу често знаат да зборуваат за детето и неговите успеси и достигнување во прво лице множина.
Ние јадевме, ние научивме да одиме, ние зборуваме и слично. Но, зошто вие?
Тоа е успех и достигнување на детето и така треба и да го прикажувате пред него, да го поддржувате и поттикнувате за понатамошни успеси, а не да го збунувате.
М. М. | Црнобело