Брату мој, да не беше ти, јас не би знаел како треба да изгледа еден вистински „човек“
Неколку часа после полноќ, се протегнав мрзеливо, ја соблеков кошулата, го извадив часовникот од раката, побрзав да ги измијам забите за да си легнам. Не пиев многу таа вечер. Поминав прекрасен ден со моите, како заслужено опуштање после колоквиумската недела, бидејќи откако започнав со студиите ретко си одев дома, во родниот град.
Тоа беше резултат на недостиг на време, поради обврски, а и парите за автобуска карта можев многу попаметно да ги искористам таму. Дома одев само ако морав, цената за тоа беше што моите ги гледав неколкупати годишно, но кога човек мора, се навикнува на сè.
Забележав дека во детската соба на брат ми сè уште свети сијалицата, не беше вообичаено да седи до толку доцна, тој беше доста помал од мене, деветто одделение, сигурно ме чекал за да се вратам од моето петочно излегување, па беше заспал на креветот, со отворен лап топ во неговиот скут.
Побрзав да го исклучам компјутерот, за да го покријам. Заспал непокриен, сигурно премрзнал. Откако го покрив, сакав да го исклучам компјутерот, но нешто ми го привлече вниманието.
Стоеше наслов „Кој е вашиот идол во животот”, најверојатно тоа му беше тема за писмена работа, не можев да одолеам и сакав да прочитам што напишал. Тоа ни беше како семејна маана, не бидуваше со зборовите, барем така знаеа да кажат другите.
Нема да се налути си помислив и почнав да зјапам во екранот.
„Доколку треба да се зборува за идол во мојот живот, не би можел да изберам никој друг, различен од мојот брат. Неговото постоење во мојот живот е воздухот кој ми е потребен за да преживеам. Тој е мој водич во сè она што правам, поддршка, утеха, дури и прекор кога ќе претерам со моите глупости.
Најверојатно сите ќе пишуваат за некакви пеачи, глумци, но јас сум восхитен од човекот кој го видел светот пред мене, мојот постар брат. Неговата упорност, желба и стремеж кон остварување на невозможното, неговата нескротливост и вечна борба за чекорење кон успехот се инспирација која ме тера да ги поместам своите граници.
Неговите ставови за живот, леснотијата со која ги освојува луѓето, неговиот баланс помеѓу ексцентричносто и смиреното, паметното и лудото, го прават мој херој, поголем од било кој друг.
Неговата посветеност, сите негови непреспани ноќи претворени во големи проекти кои вродиле со инзвореден успех го ставаат во моите рамки на совршенството. Односот кон сите останати и неговиот отворен ум за разбирање на различното и неосудување на физичкото за мене креираат личност во која што би сакал еден ден јас да пораснам.
Тој е сè она што би посакал јас да бидам. Тој е идолот на кој секојдневно се огледувам. Без да знае потајно ги пратам сите негови чекори, обидувајќи се да станам подобар човек, да зграбам барем мал дел од она што тој остварува и еден ден да застанам рамо до рамо и да кажам дека благодарение на мојата омилена личност, јас успеав во животот.
Честопати кога ми недостига си помислувам, брату мој ти благодарам што постоиш, бидејќи да не беше ти јас не би знаел како еден вистински „човек“ треба да изгледа.“
Неколку празни редови подолу напишано и во заграда стоеше „Не дозволувај да го види ова, затоа што многу се лигавиш, иако е точно, ќе те задева цел живот, велејќи дека си емотивен плачко”.
Имав солзи во очите. Мојот мал емотивен плачко, кој се лутеше кога ќе му кажев така, а патем јас го обожував, ме натера да заплачам. Ми го омекна срцето, ми ја стопи душата. Заплакав како мало дете. Никогаш немав прочитано нешто поубаво за себеси, тоа беше најголемото признание, поголемо од било кое друго кое некогаш сум го добил.
Го склопив лап топот и не реков ништо. Не сакав да знае дека знам, а тоа што јас знаев ми даде мотивација уште толку да ги повлечам конците, за да му покажам дека животот е земја без граници, ако ти одлучиш дека не постојат граници. Секогаш има уште за освојување и секогаш има уште за достигнување.
Го бакнав во челото и заспав мирно, како никогаш претходно, знаејќи дека некој таму се восхитува на она што јас го правам. Не можев да кажам дали постои поубаво чувство од тоа да добиеш такво признание од оној на кого цел живот си се трудел да му бидеш инспирација...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело