„Поради училишните задачи и обврски, моето дете нема време да биде дете!“
Зошто ги преоптоваруваме децата, зошто нивното ментално здравје не се смета подеднакво важно, како и нивните академски достигнувања?
Мајка од Велика Британија напиша отворено писмо во кое се жали на лошиот образовен систем што ги преоптоварува децата.
Таа откри дека е навистина загрижена што нејзината 8-годишна ќерка страда од инсомнија поради константниот стрес и грижа дека не може да ги исполни сите обврски зададени од училиштето.
Голем број родители од Македонија, исто така, јавно говорат на темата дека и нашиот образовен систем ги преоптоварува децата со многу домашни задачи. Тие тврдат дека од премногу обврски децата немаат време за да бидат деца.
Прочитајте го писмото на загрижената мајка од Велика Британија и пишете ни во коментар што мислите вие - дали ова важи и за образовниот систем во Македонија:
„Мојот мозок не ми дозволува да спијам“, плачеше мојата 8-годишна ќерка неутешно во моите раце минатата ноќ. Откако започна новата училишна година во септември моето среќно, мало девојче се претвори во изморено, емоционално и раздразливо дете, кое се бори секоја ноќ за да заспие.
И додека ужива на часовите во училиште, сите тие домашни задачи што и ги даваат на дневна база ѝ се огромен проблем.
Професорите ги ставаат под преголем притисок децата да постигнат одредено ниво за одредено време. И додека сè уште не совладале една работа, тие веќе имаат нова, без да имаат време добро да простудираат и да развијат сигурност дека имаат знаење на темата. Со толку многу домашно, не ми е ниту чудно што мојата ќерка не може да го исклучи умот навечер.
Исто така, лошо е што во образовниот систем креативните предмети како музичко и ликовно се турнати на страна. Многу работа и малку игра, а тоа е навистина тажно со оглед на фактот дека таа има само 8 години.
Не можам, а да не се запрашам зошто менталното здравје на децата не се смета подеднакво важно, како и академските достигнувања? Кога престанавме децата да ги третираме како деца?
С. С. | Црнобело