Како е да се биде мајка во 20-тите години?
Од биолошка гледна точка, дваесеттите се најдобрите години за мајчинство. Со социјалните промени и еманципацијата на припадничките на понежниот пол, добата за првата бременост значително се помести, што не значи дека и женското тело се прилагоди на истото.
Според статистиките, процентот на првородени деца кои на свет ги донеле мајки над 30 години, бележи драстичен пораст во однос на минатото, додека бројот на породувања после 35-тата година, пак, речиси двојно е зголемен во последните неколку децении.
Телото на жената постојано се менува и развива, поради што постојат разлики помеѓу бременоста во дваесеттитe, триесеттите и четириесеттите години од животот.
Во продолжение, посветуваме внимание на мајчинството во 20-тите години, односно неговите позитивни, наспроти негативни страни.
Позитивни страни
Здравите жени во ова доба имаат најдобри шанси да останат бремени, па неретко се случува до зачеток да дојде уште во првите два месеци од обидите.
Притоа, во овој период е релативно низок ризикот од спонтан абортус (околу 10%), а трудниците во дваесеттите имаат најмалку компликации во текот на бременоста.
Предности се и понискиот ризик од појава на хромозомски аномалии кај плодот, меѓу кои е и Дауновиот синдром, а од необјаснети причини, помал е и процентот на породувања со царски рез.
Накратко, дваесеттите се години кои биолошки се оптимални за бременост.
Истовремено, жената се чувствува свежо и полетно, па полесно ги поднесува и бројните непроспиени ноќи покрај детето, за разлика од тие во 30-тите, а особено во споредба со постарите жени.
Воедно, младите мајки генерално се помалку оптоварени и загрижени, па на децата им даваат нешто поголема слобода во воспитувањето и истражувањето на светот.
Негативни страни
За одредени медицински проблеми, поголема е веројатноста да се појават во ова доба.
Помеѓу 20 и 24 години, постои благо покачен ризик од прееклампсија (висок крвен пристисок, зголемено присуство на протеини во урината и отоци), но тоа е поврзано со фактот дека жените на таа возраст обично ја имаат првата бременост, што е ризичен фактор.
Кај жените во раните дваесетти, поголеми се и шансите на свет да донесат дете со премала тежина, што во најголема мера е последица на лошите здравствени навики.
Тие почесто пушат, послабо се хранат и ја одложуваат пренаталната нега, односно добиваат помалку на тежина од препорачаното, за разлика од жените кои се постари од 25 години.
Добрата вест е дека станува збор за навики, па може да се променат, а така и позитивно да се влијае на здравјето на детето.
Од друга страна, иако за здравјето на мајката и детето е најдобро да забремени во 20-тите години, тоа е и периодот во кој жените се образуваат и градат кариера.
Доколку бременоста им се случи на тој пат, неретко е тешко за нив да се вратат во колосек и фатат чекор со останатите, коишто не биле на породилно отсуство, немаат изостаноци поради болест на детето, можат да работат до доцна, а имаат време и да се докажат пред надредените.
Токму поради професионалните почетоци, честопати жените во дваесеттите не се толку финансиски стабилни, кoлку тие што веќе имаат сигурно работно место и по некое достигнување зад себе.
М. А. | Црнобело