Нов хорор тренд во модерното воспитување на децата - Viber групите на мајките
Признајте дека сте дел од Viber група на мајки кои се прилично загрижени и потресени за воспитувањето и благосостојбата на нивните чеда. Или познавате барем една таква мајка на која телефонот непрестајно и бипка поради стотиците пораки кои ги добива дневно.
Можеби жената и не сака да биде дел од таква група, но дефинитивно не сака да биде обележана како негрижливa мајка која не ја интересира сопственото дете.
Па така е принудена е да ја трпи таа тортура во облик на мобилни пораки кои се чини дека не престануваат никогаш.
Пораките во таквите Viber групи на млади мамички се траги-комични.
Не можам да сфатам како со цел памет мислите дека тоа ги прави вашите деца посреќни, поздрави, поспособни, а вас ви става ореол врз главата симболизирајќи крајно загрижена и посветена мајка.
Што точно се пишува во ваквите групи?
Доаѓа Нова година, 8-ми март, крај на учебната година, редици и редици дискусии што да ѝ се купи на учителката за подарок. Дали да се собираат по 200 денари (срамотилаци, што ќе купат 30 деца за само 6.000 денари) или пак по 500 денари (дали сте вие нормални со сумиве?) Вообичаено една мајка се издвојува од топлата со малку здрав разум, а другите сложно ја напаѓаат како нема усул и почит кон учителките.
Напишавте ли домашно? Ние сме веќе готови, грицкаме органски безглутенски колачиња. Групата е виртуелно место за натпревар на мајките и децата и секоја го има најумното, најспособното детенце. Малку ги малтретирате дома со споредбите (а што доби Јана? А Петар, а Ангела? Па како само ти глупчо можеше да добиеш четворка, а сите тие деца да добијат петки, дури и оној смотаниот Доријан), па сега треба да си ги одмерувате силите и на Viber со другите мајки.
Ве молам сликајте ми ја страницата во учебникот со новите задачи на децата. Нема што другите родители да ви сликаат што имаат децата за задача да напишат или да направат. Ќе си го прашате своето дете. Ако е толку неспособно да запамети, ќе изнајдете начин како да знае што има за домашна задача. Ќе си запише, ќе препраша ако треба два пати додека е на училиште, ќе праша другарче. Што ви е работата со препраќањето домашни задачи на Viber? Родителите се поинволвирани во целиот процес отколку децата, а треба да биде обратно.
Спремни за екскурзија? Јухууу, ние купивме: Чипс, смоки, чоколадно млеко, сокчиња, бонбони… (тука следуваат уште 37 производи од продавницата). Има за сите другарчиња по нешто. Ааааа, моето дете не јаде чипс, не му давам, нема шанси, немој да му даде на мој Јован чипс!!! Па тука паѓање во несвест, што ѓубре ни јадат децата наши, ц ц ц, каква е таа нездрава храна, какви смоки бре, а првата мајка која само сакала да добие статус на најомилена паѓа во депресија бидејќи ни 20 ќесички чипс не се доволни да ги освои симпатиите и одобрувањата на другите мајки во Viber групата.
Дали да им се купи фломастери на дечињата, да почнат со време да ги развиваат физичко-когнитивните способности, м, не мислите дека веќе е време? Дечињата, подобро кажано – бебињата имаат по 15 месеци, дел од нив уште не знаат да кажат кога им се мочка и кака, ама важно ќе бојат и цртаат, ќе сечкаат со ножици и фломастерите никако да не се од она евтино ѓубре, па знаеш токсични, којзнае што може да им биде на златцата.
Сериозно, освестете се со време. Ако мислите дека ова ве прави добар и посветен родител, не може да се лажете повеќе. Целиот живот стана една обична парада на промовирање лажни вредности, еден циркус каде што од мува се прави слон, а од прости работите се прават сложени.
Зарем толку имате желба за самофалба, за натпревар, за докажување, па ви се потребни Viber групи каде што со уште 29 мајки ќе ја докажувате својата способност и надмоќ? Зарем имате време и нерви да „тепате празни муабети“ до ниедно време од ноќта и во неразумно време утрински, додека нормалните луѓе уште не успеале да отворат очи и да се напијат кафе?
Најдете си нешто што се нарекува живот. Имајте верба дека ќе бидете добра мајка и без дополнителни консултации со други жени, бидејќи секое дете си е посебно, а вие треба да си го знаете своето најдобро.
А најтрагичното? Додека глумите загрижена и посветена мајка на Viber, не забележувате дека вашето дете е до вас, ве влече за ракавот и моли за малку внимание и игра.
(O)Милена | Црнобело