8 скриени пораки што му ги испраќате на детето кога ќе го удрите
Многу родители и понатаму веруваат дека „ќотекот излегол од рајот“, а дека со плескање по задникот, подобро ќе го дисциплинираат своето дете. Ако и вие спаѓате во таа група, имаме лоши вести за вас – на тој начин може да го постигнете токму спротивното...
Растењето и воспитувањето на детето не е лесно, но тоа не значи дека физичкото казнување како воспитна метода, некогаш смее да биде опција.
Еве кои пораки му ги праќате на своето дете, секој пат кога на него ќе подигнете рака:
„Силните” личности одлучуваат кој е во право
Кога користите физичко казнување, како на детето би му појасниле дека нешто направило погрешно, вие му праќате скриена порака дека оној што е поголем и посилен, ја донесува одлуката за тоа што е во ред, а што не.
Дали тоа значи дека кога вашето дете ќе порасне и ќе стане посилно од вас, ќе одлучува дали може да ве удри вас? Дали поради тоа има сѐ повеќе деца, кои кога ќе пораснат, ги злоставуваат своите родители? Запрашајте се.
Поголемите луѓе можат да ги малтретираат помалите луѓе
Кога ќе го удрите детето, вие исто така му праќате порака дека постарите и поголемите луѓе, имаат право да ги удрат помладите, помалите луѓе. Ова е посебно збунувачко кога детето го казнувате бидејќи удрило некого.
Насилството решава проблеми
Физичкото казнување е и начин на детето да му покажете дека со насилство може да ги решава проблемите. „Ако не ми се допаѓа она што ќе го направиш, јас ќе те удрам.“ Со тоа, децата сфаќаат дека што и да не им се допадне, можат да го решат така што некого физички ќе го нападнат.
Дека нешто не е во ред со нив
Кога детето ќе го удри некој што всушност би требало да го штити, кај него се јавува прашањето: „Што не е во ред со мене?“. Самопочитта е исклучително важна, но и кревка работа. Ако сакате вашето дете да успее во животот, мора многу да водите сметка.
Во ред ви е емотивно да го повредите детето
Истражувањето спроведено во детската болница во Отава, покажало дека физичкото казнување го забавува детскиот развој и создава долгорочни последици и проблеми. Кога свесно ќе подигнете рака на детето, вие сте согласни со тоа дека ќе го повредите и емотивно, успорувајќи го така неговиот развој.
Детето може да ја изгуби довербата во вас
Дали се сеќавате кога како мали сте добивале ќотек? Дали можеби се сеќавате и дека после тоа, сте размислувале: „Благодарен сум што родителите ми ја искажуваат љубовта со тепање“? Секако дека не! Веројатно сте биле полни со омраза и не сте можеле лесно да ја повратите изгубената доверба.
Се разбира, тоа не трае долго, но доколку често се повторува, детето може навистина да ја промени сликата за вас.
Детето може да биде во константен страв
Физичкото казнување кај децата создава огромен страв, кој може да блокира одредени делови од мозокот, па тие имаат послаба концентрација и не се способни убаво да учат, што, пак, доведува и до полоши резултати на училиште.
Тоа е дури и научно докажано, па затоа, доколку сакате вашето дете да биде успешно на училиште, трудете се да не биде плашливо.
Детето нема да ве почитува
„Односот е корен на сите влијанија.“ Кога размислувате за луѓето кои ги цените, слушате и чии совети сакате да чуетe , тоа се оние луѓе кои ве поддржуваат и охрабруваат, а не оние кои ве омаловажуваат, било психички, било физички.
Дали сакате да влијаете на своето дете? Тогаш би требало да не го удирате, дури и ако тоа е за „негово добро“.
М. А. | Црнобело