Исповед: Моето дете е аутистично, нo се надевам дека луѓето не го гледаат само тоа

Беше светло, бучно и со многу луѓе на едно место. Капаче на сé, групата на Стела не беше на нејзиното вообичаено место. Почнав да паничам. Си го знам детето како дланката на мојата рака и дури и пред да ја дијагностицираат како аутистично дете на почетокот на годината, бев свесна какви проблеми може да предизвика „коктелот“ од вакви ситуации.

Moeto-dete-e-autisticno-no-se-nadevam-deka-lugjeto-ne-go-gledaat-samo-toa-01.jpg

Стела не сака да биде изложена на многу силна светлина, дури и кога ги носи очилата за сонце.

Стела се „замрзнува“ во огромна толпа народ.

Стела има проблем да остане смирена кога е изложена на силни звуци.

Стела сака рутина и предвидливи работи, а нејзината група која не стоеше на своето место не беше дел од планот.

Не се разбесни, што беше добро во моментот. Одеше на терапија која ѝ помагаше да ги контролира нејзините емоции кога нештата не се одвиваа според планот. Но, изгледаше загрижена. И почна да го прави она нешто кога е загрижена: да се повлекува длабоко во себе каде што се чувствува малечка, скоро невидлива.

Ја уверував дека сé ќе биде во ред, дека ќе ја пронајдеме нејзината група, но моето срце се стегаше заедно со нејзиното. Гледав наоколу, очајна да препознаам некое детенце или воспитувач.

„Душичке, гледаш ли некого кого го познаваш?“ Но, таа не гледаше никаде освен во земјата пред себе, со наведната глава и очи кои одвај ги држат солзите. „Не мамо. Не се каде што треба да бидат“.

Тогаш ни се доближи тој. Изгледаше збунето, но љубезно. „Здраво, јас сум воспитувачот на Стела. Денеска се собираме кај теренот за кошарка“.

Стела не се сврте ниту кон него, ниту кон мене за да ја бакнам во челото, како што вообичаено се разделувавме. Едноставно тргна кон теренот за кошарка како детенце кое оди накај својата гилотина.

А, тој ја погледна како таа да е различна од другите деца. Колку и да се случи брзо, во дел од секундата, колку и да беше невино и ненамерно од негова страна, знам дека ја погледна чудно. А, знам дека го стори тоа бидејќи и јас порано го правев истото.

Предавав во основно училиште скоро 15 години и работев со секакви дечиња, дечиња со различни ментални, физички и емоционални состојби. Се гордеев што правев секое дете да се чувствува сакано, ценето, успешно во училиште. Со еден збор да чувствува поддршка од околината.

Но, кога ја родив Стела морав да се соочам со фактот дека колку и да сакав да работам со овие дечиња, секогаш ги гледав како различни. Мразам да го истакнувам овој збор, се мразам себеси бидејќи се срамам, но вистината е дека не ги доживував овие деца „реални“ како ние останатите.

Кога малото момченце стоеше преблиску до мене и зборуваше прегласно си мислев „Тој има аутизам“. Кога малото девојче си ги покри ушињата со рацете и во паника избега во тоалетот затоа што ја исплаши звукот од апаратот за сушење раце си помислив „Таа има аутизам“.

Секако, имав позитивен став кон помагање на овие дечиња. Секако дека се грижев за нив подеднакво како и за останатите ученици. Но, толку многу се привикнав на мислата дека се аутистични што заборавив дека истовремено тие се вистински, реални луѓе – со вистински чувства и емоции.

Стела има аутизам. Но, јас заборавам дека го има стотина пати во денот. Кога се смееме за нешто што го направило нејзиното помало братче. Кога се припива до мене за да се гушнеме. Кога си игра со децата на соседите во дворот. Кога седиме на каучот и ги читаме нашите книги.

Кога плаче за некоја птица на која ѝ се заканува истребување од планетата. Кога ќе нацрта некоја неверојатна слика или ќе напише преубава песничка или ќе каже интелигентна шега која нé остава мене и татко ѝ со подзинати усти.

Воспитувачот не можеше да види ништо од ова кога ја погледна Стела утрово. Тој виде само збунето детенце во паника, кое се однесува асоцијално и дезориентирано само затоа што нејзината група се поместила за некои 20-тина метри од вообичаеното место.

Но, посакувам да ги види и да ги знае сите овие работи, не само за моето, туку и за сите други дечиња. Бидејќи под збунетиот надворешен оклоп постои вистинско дете, со вистинско срце и вистински, неверојатен мозок кој ги процесира работите само малку поразлично од другите луѓе.

Таа не е дефинирана со нејзината аутистична дијагноза, нејзината дијагноза само ни помага да го зборуваме нејзиниот јазик и да ги цениме тие разлики.

И искрено се надевам дека можеби еден ден ќе пристигне на местото каде што стојам јас. Се надевам дека ќе застане до мене и ќе го види она што го гледам јас. Бидејќи глетката е неверојатна.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Јас имам совршен брак, но тоа не е брак во кој јас и маж ми не се караме“ „Со маж ми се расправаме, но ние не се задржуваме во таа лутина. Ние имаме жесто...
„Јас сум една од најлошите баби - зошто сум строга со внуците?“ „Знам да бидам дури злобна на моменти со внуците и луѓето ми велат дека сум прес...
6 реални приказни од луѓе чии роднини со своето однесување им одат на нерви „Имам 17 години, а сестра ми 28 и мали деца, па кога и да дојдат на гости, остав...
7 работи што ги правам со моето дете, иако сите ме советуваа спротивно Ја земам во раце и ја прегрнувам кога плаче, иако велат дека не треба, бидејќи ќ...
„Јас сум разведена мајка на 2 деца - не сакам да ги гледам секој ден и тоа не ме прави лош родител“ „Зошто воопшто си раѓала деца?“ – ја напаѓаат Луси Паркер (35) од Велика Британи...
„Не сакам да имам деца – мојата цел е да спијам, да одам во шопинг и да одам на маникир“ „Дали децата се целта во животот и дали ако имате деца нема воопшто да имате вре...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg