Не ги потрупувајте децата со играчки, туку со дружба, внимание и игра
Колку пати сте добиле повик од некој близок кој ве прашува со ентузијазам какви играчки сака вашето дете за да му купат нешто? Со тажен поглед поминувате низ купот играчки што седат складирано во аголот од собата и фаќаат прашина.
Никој не ги погледнува и никој не сака да си игра со нив. Таму е и камионот за кој 4-годишното малечко молеше интензивно неколку денови да го добие, како да ќе му го смени животот.
Конечно попуштивте и му ја купивте и таа скапа играчка. Вниманието траеше онолку како и кај секој 4-годишник. По неколку денови големиот камион се паркираше покрај купот неиграни играчки и единственото што ве потсетува на неговото постоење е моментот кога случајно ќе си го удрите ножниот палец поминувајќи покрај него.
Колку играчки навистина им се потребни на децата? Колку има вашето, а колку од нив навситина ги игра и го задржуваат неговото внимание? Веројатно не се повеќе од 2-3, вообичаено една омилена плишана играчка, некои коцки, кукла или автомобилче.
Останатите немо зјапаат од ќошето и скапуваат од неупотреба. Не знаеше просто што да правите со нив. И на крајот уште ви се јавуваат да ве прашаат каква играчка би сакал малиот, а вие не знаете што да одговорите од срам.
Па нема потреба од срам. Играчките се за да се играат. Доколку вашите деца не ги сакаат најдете им дом каде што ќе бидат ценети и употребувани. Дом каде што ќе ги играат.
Подарете ги, донирајте ги, продадете ги. Не трупајте ги беспотребно, не предавајте му се уште на еден чин расипништво кој ја расипува денешницата и нашите малечки.
Потсетете се колку играчки имавте вие и со колку си игравте кога бевте деца? Вашата мајка веројатно со задоволство ја чува таа една кукла која ја обожававте и насекаде ја влечевте со вас, со надеж дека ќе ѝ ја подари на внучето, но тоа како да не сака ниту да слушне. А ни вам искрено не ви е дојдено многу до тоа.
Затоа што играта како што кажавме се сведува на 2 до 3 играчки. И искрено нема потреба за повеќе. Наместо да го опсипувате детето со беспотребен куп пластика, може да го опсипете со квалитетно внимание, заедничка игра и дружба.
Тоа со задоволство ќе го цени сладоледот во жешко попладне, возењето велосипед, спуштањето низ тобоганот. Доколку вистински знаете да му го насочите вниманието ќе ужива во боењето со часови, ќе црта и пее со вас, ќе гледа детски филмови. Ќе се забавува и ќе ужива во вниманието.
Ќе научи многу повеќе да се социјализира, ќе се поврзе со вас, ќе научи да размислува. А тоа не може да го направи ниту една скапа играчка.
(О)Милена | Црнобело