Тој беше совршен за неа, но неговите години беа проблем...
Мојата сопруга растрчуваше налево, надесно, обидувајќи се да намести сè да биде под конец, бидејќи нашата ќерка, инаку студентка во трета година, за првпат требаше да дојде со своето момче на ручек, на таа фамозна средба со родителите.
Јас никогаш не ја распрашував што прави и не се притресував, секогаш дозволував сама да ги носи своите одлуки, да не избрзува, ја воспитавме да биде добра девојка и како таква верувавме дека ќе направи вистински избор.
Ѕвончето заѕвони, а мојата сопруга го натера помалиот син да ја отвори вратата додека таа да даде „фајнл тач“ на трпезата. Дојдоа, се поздравија, седнаа на масата на која имаше сè, од пиле до млеко.
Момчето го меркав без некој да забележи. Ми делуваше младолико, нормално, средено, културно, зборуваше смирено и течно, беше дотеран и пред сè беше вистински. Сите движења му беа природни, искрени, а не „исфорсирани“. Темите беа одлични, разговорот одеше без никакви несакани и незгодни паузи, се смеевме, изгледаше како да ја третира правилно. Да бидам искрен ми се допадна.
„А вие која година сте на факултет“ - запрашав јас.
„Не, јас не сум на факултет, работам“ - одговори тој, погледнувајќи кон мојата ќерка.
„Аха, значи и студирате и работите, браво, навистина ви се восхитувам“ - заклучив.
„Не, не, јас одамна сум дипломиран, всушност, кога веќе ја отворивме темата, јас сум десет години постар од вашата ќерка, се мислевме како да ви го кажеме тоа, но ете јас имам 31 година.“ - одговори тој решително, како да заземаше позиција напад.
Јас мислев дека ќе се задавам со тврдата кора на ќофтето кое што се обидував да го проголтам со таа голема информација. До крајот на ручекот не зборував ништо, се затворив во себеси, мислев и размислував, испраќав насмевки за да не испаднам лошиот, за да не забележат дека ме погоди гром. Првпат во животот не знаев како да постапам.
Се гледаше дека тој е совршен за неа, барем духовно, но честопати, од искуства на моите блиски другарки, сум донел одлука да не поддржувам врски со голема разлика во години, бидејќи често се осудени на пропаст.
После ручекот малиот син го замоли новиот батко, да се повозат со неговиот автомобил, беше восхитен од моделот на неговиот зет, ако можев така да го наречам.
„Тато, немој да носиш предвремени заклучоци“ - рече мојата ќерка, со помалку лут глас, обидувајќи се да ме расположи кога тие си заминаа. Ми се чини дека сите ја забележаа мојата кисела фаца после бомбата за годините.
„Јас нема да се мешам, знаеш дека никогаш не сум се мешал. Тоа е твоја одлука, тоа е твој човек, твој свет. Но, ако ме прашуваш мене, сметам дека ти е рано да се омажиш, а него богами му е време. Се гледа дека е прекрасен човек, треба да гледа деца, свесна си дека ова него му е за сериозно така? Свесна си дека тој во тебе гледа нешто што ќе биде негова сопруга, барем од разговорите така ми звучи?
Имај на ум дека си млада, во животот има многу за да видиш, многу за да прошеташ, се сеќаваш на сите тие приказни од Австралија, Америка, сите тие глупости кои сме ги направиле пред да направиме 30 со мајка ти, сето тоа немаше да биде, ако бевте ти и брат ти. Затоа што од денот кога вие дојдовте во нашите животи ние правевме сè за вас. Не мислевме на нашиот живот, туку мислевме како да го направиме вашиот подобар.
Имај го тоа на ум, дека неговиот свет е различен од твојот, тој видел многу повеќе, нешто што ти не си видела. Имаш уште многу за да стигнеш до неговото искуство. Се гледа дека е прекрасен човек, тоа не го спорам. Нема да те лажам дека моментот со годините ми е дискутабилен, но отсекогаш сум ти верувал, така да и овојпат верувам и ќе ја поддржам твојата одлука. Би било неправедно да ви судам.“
Таа ме прегрна, а јас во главата си помислив, зошто мора најсовршениот да биде толку несовршен...?
Зошто секогаш животот приредува такви ситуации и сопки од кои човек тешко може да го најде крајот? Дали бев себичен што сакав таа да проживее и да има можност да види повеќе од животот, дали ќе беше посреќна со него или без него? Дали грешев што чувствував лутина и нишка на противење?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело