Митот за совршеното семејство е само илузија и нема потреба да си создаваме притисок
Понекогаш силно посакуваме совршена слика како оние филмските, каде што главната хероина може да испие и 3 чаши црвено вино без да ѝ падне капка на совршениот бел капут. Или сцена од оние рекламите каде што семејството дели оброк и сите се прекрасни, стокмени, насмеани и испеглани до болка.
Но, реалноста е дека ќе се накапете при првата голтка, а карминот ќе се размачка како кај насмеан кловн. И реалноста е дека едвај можеме да се прибереме сите навреме на масата за ручек, а тогаш започнуваат дебатите и кавгите.
По некое непишано правило тогаш се дискутираат слабите оценки, кредитите, цените на пазарот, оваа сиромаштија, новото палто кое треба да се купи и политика, политика, политика.
Сите филмски слики испаруваат, сите внатрешни демони и нервози се истураат на сцената.
А каде ако не дома?
Бидејќи дома садовите може да се трупаат и неколку денови и да не стигнеш да ги средиш, па никому ништо. Не е страшно, ниту за срам, ниту за отепувачка. Имаш цела една серија заостанати сметки.
Дома мириса на млеко, бебешка пудра и каки, на ненаспаност и подочници, ама си среќен додека го креваш бебулето в раце и му пееш со најлошиот глас кој постои, додека тоа среќно гуга.
Совршеното семејство од постерите е само илузија и нема потреба да се чувствуваме виновно поради нешто. Алишта кои се сушат во секоја можна соба, играчки кои го преплавуваат секој слободен дел од паркетот и задолжително згазнуваш неколку пати во денот врз некоја и офнуваш од болка додека молиш да се соберат.
Двата распар чорапи и излитените пижами во кои се влечеш цел ден кога сакаш да се исклучиш од светот. Моментот кога те мрзи да се избањаш и си легнуваш без око да ти трепне.
Реалноста се главоболките и настинатите синуси и лицата со акни и оние со длабоки брчки. И оној филмски момент „дојди душо да поразговараме што те мачи“ кој се трансформира во „абе слушај ваму што ти зборувам“ додека се трескаат врати.
И силно посакуваш секој ден да го има оној прекрасно наместен ручек, но освен за викендот навистина немаш време за совршени оброци, па импровизираш, нешто сматуваш, нешто докупуваш и очајно се обидуваш да ги собереше сите на масата, како квачка која ги прибира пиленцата.
А таму никој не е особено расположен за позирање, а пристојните насмевки од рекламите се заменети со урлање и смеење на сиот глас со полна уста храна и сок кој ти излетува од носот. И кога задолжително си ја накапуваш чистата блуза.
Па што дека? Важно е да не е лажно. Сите несовршености ни докажуваат само дека сме реални.
А реалноста е поубава од секоја илузија.
(О)Милена | Црнобело