Зошто учениците во Данска се најсреќни?
На врвот на листата на најсреќни земји во светот и овојпат се најде Данска.
Образованието е еден од главните предуслови за една земја да гради успешна иднина.
Правилата врз кои се заснова данскиот образовен систем, е еден од клучните елементи кој може да ни покаже зошто оваа земја котира највисоко на листата за најсреќни земји.
Доколку децата уште од најмали години се воспитаат правилно и се во состојба да го ценат сето она кое го имаат, големи се шансите тие да прераснат во свесни и успешни личности, кои ќе бидат подготвени за сите предизвици кои животот ги нуди.
Ова се 5 главни правила на кои се темели данскиот училиштен систем:
1. Да се биде најдобар не е најголемото достигнување во животот
Најголемиот акцент во данските училишта не е ставен на подучувањето на децата како тие да ги поминат тестовите, туку на развивањето на нивната љубопитност и желбата за саморазвивање. Главната идеја е дека секое дете поседува различни квалитети и способности, без оглед на оценките кои ги има, и дека секое од нив може да го најде своето место во општеството.
2. Останувањето доследен на себеси е исто толку важно како пишувањето и читањето
Наставната програма во Данска е насочена кон поттикнување на развојот на личноста на секој ученик. Нивниот образовен систем го следи правилото дека децата во основните училиштa не треба само да научат да читаат и пишуваат, туку дека треба да научат и како ги развијат карактерните особини кои ги имаат.
Дури и предучилиштните установи се придржуваат кон овој принцип, учејќи ги децата како да бидат толерантни, да ги почитуваат правилата и да се подготват за целосно влегување во општеството.
3. Учењето на памет е целосно отфрлено
Во данските училишта, децата се поттикнуваат сами да ги бараат потребните информации, да спроведуваат истражувања и да ги анализираат, независно од изворите на информации.
Според нив, процесот на учење треба да биде по пат на дедукција, а не само да го слушаат она што го кажуваат учителите. Креативноста, критичкото размислување и способноста да преземат иницијатива, се квалитетите кои се сметаат за корисни и посакувани за учество во општеството, додека пак, способноста да се запамети некаква дефиниција се смета за сосема неважна.
4. Добросостојбата на ученикот, а не неговите резултати е тоа што е важно
Доколку се направи споредба на резултатите од тестови, тешко дека Данска би се нашла на првото место. Во Данска важи идејата дека учениците и студентите треба да уживаат во процесот на учење, а не да гледаат на него како мачен процес низ кој мора да поминат и одвај чекаат да заврши.
5. Секој заслужува еднаква шанса
Само 11% од Данците гледаат на високата плата како на важен фактор при донесувањето одлука за нивната понатамошна кариера. Професијата избрана само од прагматични причини, може да не одговара на интересите на личноста. Тоа е нешто кое Данците го учат во училиште.
Во земјата постои посебна социјална служба која им помага на постарите ученици да изберат средно или високо образование, кое одговара на нивните желби и амбиции за иднината.
Според истражувањата, 50% од младите дански граѓани се убедени дека се целосно слободни да ја изберат нивната иднина, а уште повеќе, да имаат контрола над неа.
На овој начин, секој поединец може да прерасне во успешна личност, без оглед на неговата почетна точка.
Ова е возможно, бидејќи образованието во Данска е бесплатно и субвенционирано од државата.
Сите ученици, без оглед на материјалната состојба, добиваат стипендија која е доволна за покривање на трошоците за посетување настава и живеење.
М. С. | Црнобело