7 правила по кои се едуцираат децата во Финска
„Или им нудите знаење кое ќе им користи во животот или знаење кое ќе им користи на испитите и тестовите. Ние го избираме првото.“ - Ова е паролата според која се водат Финците при одредувањето на наставната програма за основното задолжително образование.
Истражувањата покажале дека токму финските ученици се оние кои покажуваат највисок стандард на знаење во целиот свет. Тие читаат многу повеќе од нивните врсници и се наоѓаат на прво место во светот според своето знаење од областа на природните науки.
Основното образование е поделено на два дела:
- Ниско (alakoulu), од прво до шесто одделение
- Високо (yläkoulu), од седмо до деветто одделение
Постои и десетто одделение за тие кои сакаат да ги подобрат постигнатите оцени.
Ова се главните 7 принципи на кои се заснова основното образование во Финска, благодарение на кои младите Финци може да се пофалат со своето знаење.
1. Еднаквост
На сите училишта низ земјата. На сите училишни предмети. На сите родители (ниеден наставник не смее да се распрашува каде работи кој било родител). На сите ученици.
2. Покрај бесплатното образование учениците добиваат бесплатно и:
ручек, екскурзии, посети на музеи и настава надвор од училиштето, училишен автобус кој ги превезува сите ученици кои живеат на оддалеченост поголема од 2 km од училиштето, учебници, училишна опрема, калкулатори и таблети.
3. Индивидуален пристап
За секое дете се осмислува индивидуален образовен план. Книги, вежби, домашни задачи и активности за време на часот – сè се избира за секое дете посебно и секое дете се оценува по посебен критериум.
4. Практичен пристап
Паролата на Финците гласи „Или им нудите знаење кое ќе им користи во животот или знаење кое ќе им користи на испит. Ние го избираме првото.“
Токму затоа во финските училишта не постојат испити. Наставниците се тие кои одредуваат дали е потребно спроведување на тестови. Постои само еден задолжителен стандарден тест – финална теза која треба учениците да ја напишат пред да го завршат основното образование. Но, сепак наставниците немаат никаков удел во подготовката на тезата.
5. Доверба
Сите врски во Финските училишта се засноваат на доверба. Не постојат ненајавени проверки за наставниците и никој не им наметнува никакви правила на работа. Унифицираниот училишен систем единствено дава општи препораки, дозволувајќи им на наставниците да го изберат самостојно методот кој го сметаат за соодветен. На учениците им е дозволено да се занимаваат со нешто друго ако не ги интересира тоа што се предава на часот или откако ќе ги завршат нивните задачи.
6. Волонтерство
Знаењето е нешто кое никогаш не им се наметнува на учениците. Наставниците даваат сè од себе да ги заинтригираат децата за дадената материја или лекција, но ако забележат дека тие не се заинтересирани или способни да го научат тоа, ги насочуваат кон професија која нуди повеќе практично образование.
Ваквите ученици нема да добијат ниска оцена бидејќи целата на образованието е да ги подготви за животот кој ги чека како возрасни личности. Затоа повторувањето година воопшто не се смета за нешто срамно.
7. Независност
Финските наставници им помагаат на учениците да научат како независно да размислуваат, анализираат и стекнат знаење. Од суштинско значење е да бидат способни да најдат информации од отворени извори кои им се понудени. Токму затоа паметењето на безброј формули, имајќи ја предвид достапноста на интернет, се смета за непотрегбно губење време и енергија.
М. С. | Црнобело