Што им порачуваат татковците на нивните ќерки?
Запрашавме неколку татковци што е она што нивните ќерки би требало да го знаат.
Ако се запрашувате зошто денес баш на тапет ја ставаме врската татко – ќерка, еве ви неколку причини...
Нема поубава глетка од онаа кога татко во одело, штотуку излезен од канцеларија ја зема малата принцеза од градинка и ја шета во паркот.
Затоа што прекрасен е оној татко кој ќе пробдее цела ноќ над својата ќерка која е настината и има висока температура.
Затоа што најдобар е оној тато кој ќе ја крене високо својата ќеркичка само за да почувствува моќ и да го допре таванот.
Симпатичен и сладок е оној тато што објаснува зошто небото е сино или тревата зелена.
Совршен е оној татко кој седнува да разговара со својата ќерка и ја советува за изборот на нејзиното момче.
И оној кој ќе пушти солза – две на денот на нејзината венчавка.
„Внимавај на кого му го даваш своето срце. Тоа треба да биде човек преполн со разбирање, човек на кого ќе му веруваш, човек во чија прегратка ќе почувствуваш мир. Подобро да се омажиш на триесет, среќно, отколку на дваесет само затоа што си залетала.“ – Илија, 57 години
„Без разлика каде ќе одиш во текот на животот, татковиот дом секогаш ќе биде едно топло место каде можеш да свратиш на утринско кафе и колачи за да ми раскажеш за сите убавини кои ти се случуваат.“ – Ацо, 50 години
„Сè додека имам доверба во тебе, ќе вложувам во тебе и нашиот однос. Ќе те оставам да го освоиш светот во истиот момент кога ќе осетам дека си зрела и свесна за своите постапки. И да, стојам позади секоја твоја одлука која ти предизвикува радост.“ – Драган, 51 година
„Кога твојот сопруг ќе те изнервира, не викај. Не предизвикувај дополнителни кавги и стресови. Прати го кај мене на шопска и ракија да му кажам збор – два и да направиме машки муабет.“ – Коче, 55 години
„Секогаш ќе бидам твоја заштита. Нема да дозволам да ти фали ниту едно влакно или не дај Боже некој да крене рака на тебе. Затоа што си дел од мене и неизмерно многу те сакам.“ – Тони, 48 години
„Кога ќе оформиш свое семејство, сакам да ми простуваш за тоа што ќе ги разгалувам внуците. Така надоместувам за цела строгост што ја покажав кон тебе во обидот да те направам силна жена. И сакам барем два пати да ручаме сите заедно, како во старите добри времиња.“ – Владо, 53 години
Автор: М.К. | Црнобело