„Родителите не треба да добиваат домашно на Viber, првачињата треба сами да знаат што треба да прават“
Што мислите вие? Способни ли се децата во прво одделение да запомнат што имаат за домашна или неопходно е родителите да бидат информирани преку Viber? Српска учителка упати порака до сите родители што ги подготвуваат своите деца за прво одделение или имаат првачиња. Што им порача?
Родителите на првачиња знаат дека Viber групите во последните неколку години се клучни за образовниот процес на нивните деца. Таму добиваат пораки за сѐ што е поврзано со образованието на нивните деца, а голем број наставници практикуваат и таму да им ги пратат и домашните задачи за децата.
Српската одделенска наставничка Ивана Бошњак даде интервју за српскиот портал Zelena Ucionica каде зборуваше повеќе за тоа во колкава мера се променило образованието во изминатите неколку години и на што треба родителите повеќе да внимаваат.
фото: Facebook
Како што вели, децата се промениле затоа што се променил начинот на живот на родителите.
„Родителите сѐ поретко си играат со своите деца, сѐ поретко разговараат со нив. Учителот често се наоѓа во ситуација во која детето од него бара љубов и внимание какви што не добива од семејството.
Намерно велам ‘какви што’, затоа што на децата им се потребни ограничувања, јасни правила на однесување, правила што не се врзани за учењето, туку за животот.
Детето што ги знае правилата се врзува за личноста што ги вовела правилата, а тоа сѐ повеќе се наставниците, а не родителите“ – изјави таа.
Ивана тврди дека наспроти промената кај учениците, самиот наставен процес тешко се менува, затоа што некои наставници сѐ уште се држат до наставните методи што го применувале нивните учители од 20-тиот век.
На прашањето како би требало да изгледа подготовката за прво одделение на децата и што е она што е неопходно детето да го знае пред да тргне во училиште, Ивана вели:
„Детето што доаѓа во училиште треба да има развиени моторни способности, да ги врзува врвките на чевлите, да знае да постави прашање и да одговори на зададените инструкции.
Треба да знае само да одржува хигиена, само да си ги спакува потребните тетратки и учебници за во училиште.
Треба да запомни што има за домашна, а не да чека мајка му преку Viber групите да се распрашува што треба да прави“.
Што мислите вие? Способни ли се децата во прво одделение да запомнат што имаат за домашна или неопходно е родителите да бидат информирани преку Viber?
Б. С. Б. | Црнобело / фото: depositphotos.com