Што сакаат да им кажат мајките на синовите?
Велат дека жената која одгледала син кој има аристократски манири, самата е кралица.
Запрашавме неколку мајки чии синови денес, се возрасни мажи, успешни во своите триесетти, со кариера, во здрави и хармонични врски за тоа како ги воспитувале своите синови и што е она што сакаат нивните синови да го знаат.
,, Искрено, син ми беше мамина маза. Тешко го прифатив фактот кога одлучи да студира надвор од земјата. Кога по седум години се врати дома, со магистерска титула, кога сфатив дека сам знае да си направи појадок и да вклучи машина за перење, тензичното чувство кое го имав за тие седум години во миг ми помина. Сега, сакам само да се ожени и да биде исто толку добар татко и сопруг како што е добар син. '' – Зорица, 53
,, Со син ми никогаш немавме некој многу близок однос на мајка и син. Секогаш сакав да знам што му се случува во животот, но тој избегнуваше разговор на која било тема. Секогаш беше амбициозен, во борба да добие што повеќе знаење и пари. Наеднаш, тоа како да се смена кога стапна на лудиот камен. Веројатно сфати дека кариерата не може да те утеши кога ти е тешко. Сега се почесто пиеме кафе и разговараме. Не знам дали направив грешка во неговото воспитување, но ниту еден родител не е идеален. Сакам тој во односот со неговите деца да надомести за цела онаа комуникација која ние ја немавме. '' – Јана, 50
,, Секоја мајка треба да го научи својот син на неколку клучни работи, тоа дека не смее никогаш, ама баш никогаш, без разлика колку е нервозен да крене рака на жена, дека кавалерските манири мора да ги поседува додека е жив, дека онака како што ќе постапува со жените, така еден ден некој би можел да постапува со неговата ќерка и дека нема ништо да му се случи ако барем малку се мрдне од фотелјата и направи ручек. '' – Билјана, 47
,, Посакувам син ми да стане сопруг кој ќе се грижи и ќе ја почитува својата сопруга и татко кој се би направил за своето дете. Ако биде таков, ќе знам дека правилно сум го воспитала. '' – Јасна, 50
,, Одамна постоела дилемата дали е полесно да се воспитува ќерка или син. Кога воспитувате ќерка, многу повеќе внимавате и многу повеќе се грижите. Кога воспитувате син, се трудите да го направите силен и обично ги делите неговите другарки на тоа која го сака за сопруг затоа што тој е најдобар и на тоа која навистина го сака само како другар. И одеднаш ќе дојде момент кога нема да сакате да ја прифатите снаата, колку и таа да ве почитува. И јас сум го почувствувала истото, па нема да упатам совет до синовите, туку до идните свекрви: Оставете го вашиот син сам да одлучи за неговата животна сопатничка. Ако тој е навистина среќен со неа, вие ќе бидете дупло посреќни. '' – Елица, 55
Автор: М.К. | Црнобело