Крипторхидизам – неспуштени тестиси кај бебиња, како да го препознаете и како се третира?
Доколку тестисите не се спуштат до првиот роденден на бебето, тогаш се препорачува хируршка интервенција. Дознајте кои се симптомите, но и ризиците доколку не се третира оваа состојба.
Неспуштени тестиси, исто така познато како крипторхидизам, е прилично честа и нормална вродена состојба, во која еден или двата тестиси на бебето не се наместени во правилната положба.
Пред да се роди машкото бебе, тестисите се формираат во стомакот на бебето.
Во текот на третиот триместар, тестисите патуваат од стомакот, надолу по препоните и во скротумот (вреќата со кожа под пенисот).
Неспуштениот тестис не го завршува процесот на спуштање, а се смета дека предвремено родените бебиња се повеќе погодени од оваа појава.
Колку порано е родено бебето, толку е поголема веројатноста да има неспуштен тестис.
Во некои случаи, околу 20% од засегнатите бебиња, тестисот ќе се спушти сам во првите шест месеци од животот на детето. Кај оние кај кои нема да се случи овој процес, ќе биде потребна операција.
Како да препознаете неспуштени тестиси?
Кај бебето кое има неспуштени тестиси, ќе му недостасуваат еден или двата тестиси или нема да може да се почувствуваат во скротумот.
Ако двата тестиси не се спуштаат, скротумот ќе изгледа невообичаено мал и рамен.
Ако е зафатен само еден тестис, скротумот ќе изгледа искривен.
Ако се чини дека тестисот на бебето понекогаш е таму, а понекогаш не, тогаш тој тестис се нарекува повлечен и таа е нормална состојба која не бара третман.
Проблеми што може да ги предизвикаат неспуштените тестиси
Неспуштените тестиси може да го зголемат ризикот од неплодност.
Нормално, кога тестисите се во скротумот, тие се околу три до пет степени поладни отколку што би биле ако останат во абдоминалната празнина на телото.
Потоплите температури во телото може да го нарушат развојот на тестисите и да влијаат на производството на здрава сперма кога момчето ќе биде повозрасно.
Момчињата родени со неспуштени тестиси исто така се малку повеќе склони кон рак на тестисите, дури и по корективната операција.
Предноста на операцијата е тоа што, сепак, тестисите се поместуваат на место што овозможува рутинско самоиспитување, што може да доведе до рано откривање на какви било абнормалности подоцна во животот.
Како се третираат неспуштените тестиси?
Ако тестисите на вашето бебе не се спуштат сами пред неговиот прв роденден, најверојатно хирургот ќе ви препорача операција, наречена орхиопекција, за да се премести тестисот надолу во скротумот.
Ако тестисот може да се почувствува во препоните, најверојатно хируршкиот зафат ќе се направи преку мал засек во препоните.
Ако тестисот не може да се почувствува во препоните, тогаш може да биде во стомакот или едноставно да е отсутен.
Тогаш потребно е дополнително истражување за лекарите да бидат сигурни дека тестисот не е оставен во абдоменот.
Во повеќето случаи на неспуштен тестис се препорачува хируршка интервенција, со цел да се намали ризикот од рак или неплодност, а најчесто лекарите ја коригираат оваа состојба со едноставна операција на возраст од околу 12 месеци.
Ако забележувате какви било неправилности кај тестисите кај вашето бебе, секогаш е најдобро да разговарате со вашиот лекар кој ќе го изврши потребниот преглед и ќе ви даде понатамошни инструкции!
М. Ѓ. | Црнобело / фото: freepik.com