Знаци дека кон сопругот се однесувате како мајка, а не како сопруга (и како тоа се одразува врз интимниот живот)
Се враќате од работа, трчате со полни торби за да зготвите и да исчистите, а сопругот „одмара“ од напорниот ден … Кои се знаците дека наместо рамноправен партнер, до себе имате (уште едно) дете за кое треба да се грижите?
Дали понекогаш ви се чини дека сопругот повеќе се однесува како да ви е дете, отколку како партнер? Според психолозите ваквиот однос е многу чест, а долгорочно може да доведе до меѓусебен презир, влошување на интимната врска, па и развод. Кои се знаците?
Дури и на оние парови што немаат деца, може да им се случи едниот партнер да треба да ги собира предметите на другиот, да чисти по него и да внимава и да го потсетува на обврските. Заради тоа може да се чувствувате како едниот партнер да е тинејџер, а другиот возрасен, односно родител.
Според психолозите ваквата динамика воопшто не е добра за бракот и на долг рок би можела да има последици, кои ќе се одразат во сите аспекти од заедничкиот живот, па и во интимните односи.
Според психологот Аманда Чарлс, многу е често едниот партнер да има доминантна улога на личност што се грижи и воведува контрола (како родител), а другиот да стане пасивен, зависен или потчинет (како дете).
Таа разликува два вида на доминантни партнери, кои често се јавуваат во улога на родител во врската:
„Родител“ што се грижи
Во таа форма партнерот е тука за да му даде емотивна и практична поддршка на другиот и да внимава на сите негови обврски.
Критички настроен родител
Овие видови на партнери најчесто ја преземаат контролата во врската преку постојани критики, а мора да бидат во тек и да го менаџираат секој чекор на „партнерот дете“.
Зошто најчесто мажите се однесуваат како деца?
Според неа, најчесто мажите се тие што влегуваат во категоријата „партнер дете“ затоа што девојчињата од најмали нозе учат да бидат тие што се грижат за семејството, додека мажите се задолжени за финансискиот аспект.
Според неа, многу е поверојатно да имате таква динамика во врската или во бракот, ако и само сте израснале во семејство во кое имало таков однос меѓу родителите.
Кои се знаците дека кон сопругот повеќе се однесувате како мајка, отколку како сопруга?
Според Аманда може да се издвојат неколку знаци што ќе ви укажат на тоа дека се однесувате кон сопругот како да ви е дете, а не партнер.
Ако се пронаоѓате во поголемиот дел од наведените ситуации, тоа значи дека треба нешто да преземете и да воведете некакви промени:
Работите со полно работно време, но вие сте задолжени за готвење, чистење, за грижа за децата и набавки за домот, додека партнерот одмара;
Вие треба да се грижите за финансиите, да донесете одлука за сите важни работи, а партнерот е незаинтересиран и само го прави тоа што ќе му го кажете;
Партнерот доаѓа да ви се жали по напорниот ден на работа, а вам кога ви треба поддршка него го нема никаде;
Се чувствувате како постојано да треба да ги поправате или да ги контролирате сите аспекти од животот на партнерот, како за личните, така и за професионалните прашања.
Како овој однос влијае на врската?
Јасно е дека овој однос на почетокот на врската изгледа нормално за некои луѓе, но со текот на времето тој се одразува негативно.
„Оваа динамика може да стане неподнослива со текот на времето, затоа што ’партнерот родител‘ се чувствува преоптоварено и почнува да го презира ’партнерот дете‘, кој станува уште по пасивен и позависен“ – вели таа.
Психологот Џорџина Стамер, пак, вели дека оваа динамика пред сè може да се одрази негативно и во сексот и интимниот живот.
„Ако се чувствуваме како дете или како родител во романтичната врска, тоа може да почнеме да чувствуваме дека партнерот не е атрактивен повеќе и да ни се намали желбата за интимни односи“ – вели таа.
За да се најде решението, потребен е труд и од двајцата партнери.
Партнерот родител треба да одолее на потребата постојано да „соли памет“ и да мудрува, да критикува или да трча да го спаси другиот партнер.
Но, за да се променат работите, партнерот што се однесува како дете треба да сфати дека постои проблем и да одлучи да се промени.
Б. С. Б. | Црнобело