Што е „хеликоптер родителство“ и како тоа му штети на вашето дете?
Децата на „хеликоптер родителите“ во средно образование не можат да се справат со обемот на материјалот што се изучува, а кога ќе станат возрасни луѓе, може да страдаат од депресија или ниска самодоверба. Дали вие сте „хеликоптер родител“ и како може да се поправите?
Иако сметате дека преголемата заштита што ја пружате е неопходна за вашето дете, треба да знаете дека во некои моменти таа може му наштети.
Во продолжение проследете ги одликите на хеликоптер родителството и дознајте какви последици тие може да остават врз развојот на детето:
Што е „хеликоптер родителство“?
Терминот „хеликоптер родителство“ е употребен во 1969-та година и со него се означуваат оние родители и старатели кои водат сметка за секој аспект од животот на нивните деца и тоа со таков интензитет, што наликуваат на хеликоптери кои му кружат над глава.
Во денешно време родителите се толку многу сконцентрирани да ја елиминираат секоја опасност и секоја можност за неуспех на нивното дете, што едноставно не се ниту свесни дека му наштетуваат.
Овие родители не се свесни дека ја ограничуваат слободата на детето да стане независно, да носи свои одлуки и да научи од сопствените грешки.
Кои знаци укажуваа дека сте хеликоптер родител?
Го чувате детето како да е на поводник
Го следите детето секаде, го носите во училиште, на роденденски забави и на дружби со нивните другарчиња.
Ако некој нешто го праша детето, не му дозволувате да одговори само, туку вие веднаш почнувате да одговарате.
Правите сè за вашето дете
Наместо да им помогнете сами да си ги решат проблемите (и да им пружите помош само ако им е потребна) вие почнувате да ги извршувате нивните обврски.
Ако децата се скарале со соучениците веднаш се јавувате на наставникот или на родителот на соученикот, наместо да го научите детето како треба да се однесува во такви ситуации.
Не дозволувате неуспех
Толку многу сакате детето да успее и целосно се вклучувате во училишните обврски.
Вие ги пишувате домашните, ги изработувате сите проекти, ангажирате тутори, тренери и го запишувате на дополнителни курсеви што треба да му помогнат да биде најдобро во сè.
Средината треба да биде безбедна
Без разлика што детето пораснало, вие одбивате да ги извадите помошните тркала на велосипедот.
Го држите да не падне, а училишните излети кога треба да го испуштите од вид може да ви зададат срцев удар.
Родителите што се премногу заштитнички настроени не знаат да се опуштат и постојано внимаваат на опасноста околу нивните деца.
Зошто овој начин на родителство е штетен?
Ако ги прашате, „хеликоптер родителите“ ќе ви кажат дека премногу ги сакаат своите деца и дека не можат да си дозволат да им се случи нешто лошо.
Сепак, овој начин на воспитување води до ситуација кога детето кога ќе стане возрасно не знае како да се справи со падовите и разочарувањата што му ги носи животот.
Првите знаци може да се забележат уште во средното образование, кога детето не е во можност да се справи со обемноста на материјалот, а во возрасните години може да се манифестираат како депресија и постојано незадоволство од животот.
Децата што израснале со „хеликоптер родители“, немаат можност да учат од сопствените грешки, па тој проблем ќе ги следи и во возрасната доба од животот.
Дополнително, „хеликоптер родителството“ му праќа сигнал на детето дека неговите родители не веруваат оти тоа е способно само да се справи со проблемите, што подоцна може да предизвика и намалена самодоверба.
Како да се поправите?
Ако сте забележале некои од претходните знаци кај себе, тогаш важно е да го поправите сопственото однесување и да направете промени во начинот на кој го воспитувате детето.
Секогаш оставете му на детето време за одмор. Тоа ќе му помогне да ја развива имагинацијата и само да одлучува што треба да прави.
Покажете повеќе доверба во детето, така што ќе му дозволите да извршува обврски што се во согласност со неговата возраст.
Понекогаш мора да му дозволите на детето да падне или да не успее во нешто. Само така ќе научи од сопствените грешки, што е мошне важно за неговиот развој и за да научи како да се справува со неуспесите во животот.
Дозволете му на детето да презема ризици. Застанете до него, за да знае дека сте тука за да му помогнете ако затреба, но немојте да го спречувате да учи нови работи и да стекнува нови искуства, само затоа што вам ви се чинат опасни.
Побарајте стручна помош, ако сметате дека сами не можете да се справите со притисокот, а неопходно е да направите промени.
Б. С. Б. | Црнобело