Грешки во воспитувањето што ги прават модерните родители
„Ги потценуваат. Децата на 9 или 10 години се многу попаметни отколку што луѓето мислат“.
Денешниот начин на воспитување е поразличен од порано. На пример, порано било сосема нормално родителите и да ги натепаат децата, додека денес овој начин на дисциплинирање е строго осудуван.
Но, не значи дека сите промени во начинот на воспитување се добри. Односно, и модерните родители се склони кон грешки.
Корисник на Редит ги прашал форумџиите кој тренд за воспитување кај модерните родители сметаат дека е всушност погрешен.
Дел од одговорите во продолжение:
„Тоа што не им дозволуваат на децата да искусат какви било негативни емоции кои се нормален дел од тоа да се биде човек. Треба порано да ги научите децата да се справуваат со негативните емоции“.
„Тоа што никогаш не им веруваат на наставниците. Точно, родителите треба да бидат најголема поддршка на децата. Но, некогаш оваа поддршка значи дека треба да го натераат детето да сноси одговорност за неговите грешки“.
„Родители кои ги казнуваат децата кога истапуваат за себе или пробуваат да им објаснат нешто. Искрено, не ми е јасно зошто многу родители одбиваат да прифатат дека некогаш и тие прават грешки“.
„Тоа што се прават ’многу добри родители‘. Гледам многу родители кои им дозволуваат на децата да прават што сакаат, без разлика колку деструктивно, неучтиво или лошо е нивното однесување“.
„Тоа што го користат талентот на нивното дете за самите да станат познати“.
„Тоа што ги потценуваат децата и прават да се чувствуваат глупави. Секако, можеби 5-годишните деца не се најголемите интелектуалци, но децата на 9 или 10 години се многу попаметни отколку што луѓето мислат“.
„Тоа што постојано ги надгледуваат. Ги следат каде и да се свртат. Што се случи со времето кога родителите им дозволуваа на децата да си играат во друга соба, им дозволуваа да истражуваат, па и да се удрат?“
„Тоа што им дозволуваат да гледаат нешто на телефон или таблет со гласен звук додека се во јавност“.
„Тоа што ги притискаат да успеат во некој спорт, да се истакнат во училиште… Ги притискаат додека на децата не им притреба помош од психијатар, немаат никакво слободно време.
Престанете со тоа – само еднаш сме деца, без сериозни обврски“.
Спирова С. | Црнобело