„Мајка ми не трчаше на лекар за секоја ситница, не ѝ паѓаше на памет да ме штити од наставниците“: Реална приказна за родителството денес

„Нашите мајки не се плашеа толку за нас. Денес - дои го детето до трето одделение, почитувај му го карактерот, темпераментот, не дозволувај да плаче, носи го гордо како да е штафета на младоста, направи му место во твојот кревет, премести го сопругот во дневната соба...“

majka-mi-ne-trchashe-na-lekar-za-sekoja-sitnica-ne-i-pagjashe-na-pamet-da-me-shtiti-od-nastavnicite-realna-prikazna-za-roditelstvoto-denes-01.jpg

Нашите мајки не се плашеа толку за нас. Не се мудруваше толку многу околу родителството. Татко ми не мораше да се нацрта секоја вечер дома во „осум нула нула“ за да ѝ помогне на мајка ми да ме искапе.

Не толку одамна и јас сама го бањав моето дете. Со обичен сапун за бебиња. Со едната рака го држев детето, со другата тушот, сапунот, пешкирот... Не се плашев дека ќе ми падне во кадата. Реално, ниедна мајка не го испушта своето дете тукутака.

Мојата мајка не се плашеше од бременоста, ниту од враќањето на работа, ниту од јаслите. Од одвојувањето.

Таа немаше кога да размислува дали тоа што сум во некоја групата ќе остави трајни последици врз мене. Таа не се занимаваше многу со општествените аспекти на моето воспитување.

Не трчаше ни на лекар за секоја ситница. Не доаѓаше на училиште секој понеделник и никогаш не ѝ паѓаше на памет да ме „заштити“ од учителите.

Не игравме на картата „професорот ме мрази“. Преминот од пониските во повисоките одделенија во основно училиште не се доведуваше во прашање, ниту, пак, претставуваше пресвртница во животот што вреди да се спомене.

Мајка ми никогаш не беше мој личен заложник или некој чија должност беше да ме забавува и да ми го направи пријатен престојот на планетава.

Денес, ете, не е доволно детството да ни биде пријатно. Не, детството денес мора да биде незаборавно! Незаборавно, другари и другарки! Секој ден е повод за вистински мали прослави.

majka-mi-ne-trchashe-na-lekar-za-sekoja-sitnica-ne-i-pagjashe-na-pamet-da-me-shtiti-od-nastavnicite-realna-prikazna-za-roditelstvoto-denes-02.jpg

Од моментот кога ќе ги отворат очите до легнување навечер, децата треба да ги анимираме, да им угодуваме на секој можен начин, да ги поместуваме сопствените граници, да бидеме благи, попустливи, никогаш да не го креваме гласот, да не го загрозуваме нивниот мал интегритет на кој било начин и сè на сè - да создадеме едно големо, огромно агресивно и деструктивно его.

Нашите мајки не се плашеа од нас. Ни од нашиот плач. Полесно и поопуштено се справуваа со удирањето, фрлањето и дрскоста. Нашите мајки го пиеја своето кафе на раат и се одмораа кога ќе се вратат дома од работа.

За тоа време, ние си игравме пред зграда со други деца. Со други деца, другари и другарки. Се знаеше што смее да се прави, а што не.

Вади го прстот од уста, не го чепкај носот, не зборувај со непознати, не земај бонбони од непознат чичко на улица, тргни се подалеку од телевизорот ќе си ги расипеш очите, кажи добар ден, благодарам, те молам, стани за бабата да седне, биди добар пријател, не седи на бетон, изеди сè од чинијата и до осум биди дома. Така некако нè воспитуваа.

majka-mi-ne-trchashe-na-lekar-za-sekoja-sitnica-ne-i-pagjashe-na-pamet-da-me-shtiti-od-nastavnicite-realna-prikazna-za-roditelstvoto-denes-03.jpg

Дилемите ги решававме и без Гугл, со совет од други, поискусни пријателки. Немаше школи за родителство, ниту сите тие силни книги, форуми, Фејсбук групи, а сепак - сè беше некако познато. На крајот не испаднавме ни толку лоши.

Растењето денес е како трка со пречки. И пред да се роди детето - земај фолна киселина, пиј витамини, прави двојни и тројни тестови...

Потоа - породи се безболно, без траума, биди со бебето, дои го до трето одделение, почитувај му го карактерот, темпераментот, генетските предиспозиции, не дозволувај да плаче, носи го гордо како да е штафета на младоста, не го оставај само, не го гаси светло, направи му место во твојот кревет, премести го сопругот во дневната соба, чувај го во текот на целиот период на растење, не дозволувај да пропушти ништо, да се чувствува загрозено, запоставено, почитувај го неговото мало јас, почитувај ги неговите потреби, преиспитувај се, носи правилни одлуки, преземи ја целата одговорност, заборави на заслугите, заштити го од сонце, од радијација, загаден воздух, кучиња скитници, вода од чешма, издувни гасови, „урокливи“ очи, ретрограден Меркур, заситени масти и слободни радикали.

Чисти околу зградата, собирај го ѓубрето, рециклирај пластика, купувај органско, сади дрвца, бидејќи нашите деца заслужуваат подобра планета.

Добро, а што ако нашата планета заслужува подобри деца? Мислам, прашувам за пријател.

Извор / фото: freepik.com 

Би можело да ве интересира:

„Јас сум разведена мајка на 2 деца - не сакам да ги гледам секој ден и тоа не ме прави лош родител“ „Зошто воопшто си раѓала деца?“ – ја напаѓаат Луси Паркер (35) од Велика Британи...
Мамо, не мораш да бидеш супер жена - сакам да те паметам насмеана „Мамо, еден ден кога твоето тело ќе се измори ретко кој ќе се сеќава дека си се ...
„Одлучив да немам деца – како ми изгледа животот и (дали зажалив)?“ „Мислам дека само трошам време. Животот без деца сега ми е некако здодевен и без...
„Не сакам да имам деца – мојата цел е да спијам, да одам во шопинг и да одам на маникир“ „Дали децата се целта во животот и дали ако имате деца нема воопшто да имате вре...
„Им љубоморам на моите деца – имаат поубаво и полесно детство од моето“ „Кога бев дете, секое саботно утро ми беше жртвувано – морав да ја косам тревата...
6 реални приказни од луѓе чии роднини со своето однесување им одат на нерви „Имам 17 години, а сестра ми 28 и мали деца, па кога и да дојдат на гости, остав...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg