Илустрации за родители: Како да се справите со непријатните ситуации со вашите деца?
Што да направите кога детето не сака да ги дели играчките или, пак, кога ќе научи некој лош збор на училиште или во градинка?
Некогаш малите деца се своеглави и во овие мигови за родителите е вистински предизвик да ги вразумат.
Во повеќето вакви ситуации, важно е да останете смирени и наместо да го карате детето, да пробате да му објасните зошто тоа што го прави не е во ред.
Неколку вакви ситуации и како да се справите со нив:
Не сака да ги дели играчките со друго дете
Сите имаме предмети што не сакаме да ги делиме со другите. Истото важи и за децата. Па, доколку вашето дете одбива да дели некоја играчка со друго дете, пробајте да го разберете.
Немојте да го карате или да го терате да ја даде играчката бидејќи ќе создадете револт кај него.
Наместо тоа, објаснете му на другото дете дека вашето сака да си игра само.
Исто така, немојте сами да ги давате играчките на други деца, туку секогаш прашајте го детето. На пример, речете му: „Дали сакаш да си играш со топката со Никола?“
Ви поставува сто прашања кога ќе му речете да направи нешто
Децата неретко прашуваат зошто треба да направат нешто кога ќе им речете, а притоа знаат да постават и уште сто прашања.
Во ваквите ситуации, немојте да одговарате со: „Бидејќи јас реков така“.
Со ова, ниту ќе го натерате детето да направи нешто, ниту, пак, ќе го научите да биде послушно.
Наместо тоа, дајте му ја вистинската причина зошто треба да направи нешто.
Не сакаат бакнежи и прегратки од друга личност
Ова е желба на детето што треба да ја почитувате.
Не е во ред да го присилувате да бакнува или да прегрнува друга личност ако не сака, без разлика за колку блиска роднина станува збор.
Мора да ја почитувате неговата самостојност и со ова ќе му дадете до знаење дека тоа има контрола врз своето тело.
Не сака да јаде
Ако детето ви рече дека е сито, не го присилувајте да продолжи да јаде.
Доколку често го правите ова, кај детето може да се создаде нездрава врска со храната.
Но, ако вашето дете јаде многу малку и сте загрижени дека има проблем, тогаш консултирајте се со професионалец.
Присилувањето да јаде нема да вроди со резултат.