Културните деца не се раѓаат, туку се воспитуваат – Кои правила секој родител мора да ги почитува?
Не можете да очекувате детето да го сака и да го почитува училиштето, додека вие зборувате за учителката дека е глупава, арогантна и необразована, не можете сурово да се однесувате кон сопствените родители, а да очекувате вашето дете да ве почитува... Кои 10 родителски заповеди не смеете да ги заборавите?
Зошто некои деца се културни и воспитани од најмала возраст, а други, пак, со своето однесување се пример за тоа како не треба да се воспитуваат?
Запомнете: децата се одраз на културата и воспитувањето на родителите. Па, следниот пат кога го карате детето за непримерното однесување, размислете дали и вие немате удел и влијание врз него.
Иако не постои вистински рецепт за тоа како треба да се воспитуваат децата, сепак постојат 10 родителски заповеди што треба да ви помогнат да не станете родител што прави едно, друго мисли, а очекува нешто сосема трето од своите деца.
1. Не можете да му забраните на детето по цел ден да седи на мобилен телефон, ако и вие самите по цел ден сте залепени за екранот;
2. Не можете да инсистирате детето да оди на 3 тренинзи дневно, а вие самите целото слободно време да го поминувате дома пред телевизорот;
3. Не можете да очекувате детето да јаде само здрава храна, ако вие се давите во пица и чоколада, и не внимавате како консумирате алкохол и цигари пред него;
4. Не можете да го опоменувате детето да чита книги, ако вашата последна прочитана лектира е „Зоки Поки“ во прво одделение;
5. Не можете да барате од детето да биде смирено, спокојно и убаво воспитано, ако вие сте тие што постојано викаат, кршат работи во домот и пцујат;
6. Не можете да очекувате детето да ги сака уличните кучиња, додека вие ги клоцате и ги гаѓате со камења;
7. Не можете да очекувате детето да го сака и да го почитува училиштето, додека вие зборувате за учителката дека е глупава, арогантна и необразована;
8. Не можете да бидете презафатени за да поминете време со детето, а без проблем да наоѓате време за да одите на фудбал, маникир или во кафеана;
9. Не можете да очекувате детето да биде одговорно, кога вие редовно заборавате навреме да го земете од училиште, да платите за неговата екскурзија или да дојдете на училишната приредба;
10. Не можете сурово да се однесувате кон сопствените родители, а да очекувате вашето дете да ве почитува.
И за крај, никогаш не смеете да заборавите дека децата се одраз на сопствените родители.
Тие гледаат и учат од вас и сите оние работи што не им се допаѓаат кај нив, тие за жал, најверојатно ги научиле од вас.
Однесувајте се онака како што сакате вашите деца да се однесуваат и тоа од најраниот период на нивното растење, затоа што се верува дека до седмата година детето веќе ги усвоило и ги научило вредностите и начинот на однесување од сопствената околина.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: freepik.com