Не, моето дете не мора да ги дели играчките со вашите деца!
„Дај му ја играчката на Лука, ќе си поигра и ќе ти ја врати“, „Нека го повози малку твоето точаче, не се секирај ќе ти го врати“, „Добро мама, дај нека ја види куклата и ќе ти ја врати“ – не знам колку пати сум се нашла во ситуација уште од раѓање на моите деца да ги подучувам како треба да ги делат и даваат играчките.
Еднаш се најдов во ситуација каде мојата 3-годишна ќерка сакаше да земе за првпат некоја играчка од непознато дете во кафуле и наиде на навистина непријатна реакција од детенцето, па ме натера да се запрашам дали навистина треба да се делат играчките со други деца?
Уште еднаш „се удрив по глава“ кога детенце сакаше да ѝ го земе омилениот тротинет и го молевме потоа да го врати. Сопругот тогаш ја искара: „Не, не мораш да ги делиш твоите работи! Треба да си ги чуваш, никој нема да ги чува за тебе.“
И донекаде беше во право.
Многу родители се наоѓаат во непријатна ситуација кога нивните деца не сакаат да споделат играчка со деца на игралиште или во парк. Најголем дел седнуваат и ги убедуваат како мене дека треба да делат.
Зошто го правиме ова?
Еден од принципите на раната детска едукација е да ги научиме децата да си играат, и најголем дел од нас сметаат дека тоа значи делење на играчките со други.
Но, која е целта на делењето?
Дали сакаме да ги научиме децата дека ако ги делат играчките подобро ќе се вклопат во некое друштво?
Или, сакаме да ги научиме да бидат великодушни личности со тоа што ќе ги исполнуваат барањата на другите?
Или затоа што сакаме возрасните да не си речат дека сме себични родители и ете, ги следиме социјалните норми?
Во раните години, децата учат како да ги исполнуваат своите потреби.
Докажано е дека концептот за делење и позајмување е премногу сложен за децата да можат да го разберат. Во првите 4 години од животот децата се уште немаат развиено чувство на емпатија и не ги гледаат работите од перспектива на другите деца.
Терањето на детето да ги дели играчките, всушност може да прати погрешна порака кон вашето дете. Тие сметаат дека им го одземате она што е нивно. Не знаат дека ќе им биде вратено. Се чувствуваат како да си ја загубиле омилената играчка засекогаш.
Затоа е подобро да ги учиме децата на трпение и да ги решаваат работите со разговор.
1. Кога друго дете го има предметот кое нашето дете го сака, родителите ќе сакаат детето да може да се контролира, а не само да го зграпчи предметот. Трпението и разговорот се важни во овие моменти.
2. Научете го детето да се залага за себе и да ги чува своите работи. Не треба да му зборувате дека неговото време за игра со нешто истекло и не мора веднаш да ги дели своите играчки со другите.
3. Обидете се да го оставите детето само да се справува во вакви ситуации. Ако возрасните секогаш доаѓаат на помош или поставуваат граници, детето ја губи способноста за учење од искуствата.
4. Децата треба да имаат целосна слобода кога играат и да ја споделат играчката на друго дете кога они ќе сакаат. И не, не треба да ви биде воопшто непријатно што вашето дете не сака да ги дели играчките со други деца.
Е. П. | Црнобело / фото: Depositphotos