Викенд предлог: Истражете ја Малешевијата и убавините на Пехчевските водопади (фото)
Малешевијата е една од најубавите области во Македонија, а Пехчево дефинитивно е место кое ретко на кој му се наоѓа на листата на патувања.
Но, доколку ви е смачено од полните ски центри, гужвите и динамичното темпо на живот во големите градови, време е за поинакво патување кое ќе ви понуди вистински одмор и полнење на батериите.
Во близина на Пехчево се наоѓаат Пехчевските водопади, вкупно пет, каде љубителите на природа и авантура имаат многу што да видат, независно од годишното време.
Во зимскиот период, шумите на Малешевијата се покриени со снег, па веројатно малку потешко се стига до сите посакувани места, но ние се обидовме да пристапиме до Спиковскиот водопад.
Овој водопад се наоѓа на Спиковската река, покрај која има пешачка патека која започнува со дрвена порта низ која треба да поминете.
Шумската патека понатаму ве носи преку дрвени мостчиња до помал водопад, покрај кој има клупи за одмор.
Доколку се искачите нагоре по патеката ќе стигнете до уште еден дрвен мост кој се поврзува со патеката која води до водопадот кој паѓа од 8 метри, до кој за жал, немавме можност да стигнеме, но дефинитивно има што да се види.
Во секој случај, доколку се одлучите да ги посетите Пехчевските водопади, независно до кој од нив ќе стигнете, природата во околината ќе ве фасцинира, ќе уживате во чистиот воздух од кој ќе се надишете, како и мирот и тишината кои овозможуваат да го слушнете секој шум од дрвјата.
Секако, тоа што во околината веројатно нема да сретнете никој друг освен вас и самото тоа што се наоѓате во шума, ќе направи да бидете уште повозбудени за авантуристичката екскурзија.
Погледнете ја и авантурата на Евгениј Хоуп на Пехчевските водопади.
Ве носиме на мини зимска тура низ шумиските патчиња на Пехчевските водопади и ве предизвикуваме да ги посетите и да ги истражите убавините кои ги нудат:
М. М. | Црнобело / фото: М. М.