Паркот на аквадуктите во Рим - Потценета атракција што туристите ја избегнуваат, а филмските режисери ја обожаваат
Една од омилените локации на локалното население во Рим е популарниот Парк на аквадуктите (Il Parco degli Acquedotti), огромен парк и една од најголемите зелени оази во градот. Фасцинантно е тоа што таму се наоѓаат дури шест од единаесетте антички аквадукти кои го снабдувале Рим со вода.
За Паркот на аквадуктите велат дека е една од најпотценетите туристички атракции во градот, но ова е омилена локација на филмските режисери кои тука снимаат незаборавни сцени на зајдисонце.
Меѓу култните сцени снимени тука се и воведната од La Dolce Vita, сцени од Mamma Roma, Markiz de Grillo, Toto, Peppino, но и сцената од филмот La Grande Bellezza во која светски познатата уметница Марина Абрамовиќ трча гола кон ѕидините на аквадуктите.
Паркот се наоѓа во близина на познатиот пат Апио, помеѓу населбата Апио Клаудио на североисток, улицата vie delle Cappannelle на југоисток и железничката пруга Рим-Касино-Наполи на запад.
До него може да се стигне со подземна железница, воз или со градски автобус.
Овој парк е одлично поврзан со срцето на Рим, а се наоѓа на само осум километри од центарот на градот. Влезот е бесплатен, па затоа е дури и неверојатно што тука скоро и да не доаѓаат туристи.
Еден од најстарите аквадукти во паркот е Ветусовиот аквадукт.
Тука се наоѓа и аквадуктот Тепула, изграден во 125 година п.н.е. Името го добил по тоа што низ него течела млака вода.
Аквадуктот Анио Новус потекнува од првиот век и еден од најдолгите. Долг е 87 километри, но 73 километри од него се лоцирани под земја.
Клаудиовиот аквадукт се смета за еден од најважните во Рим, бидејќи делот кој минува низ паркот е најсочуван, а е изграден во времето кога е граден и Анио Новус.
Јулијскиот аквадукт е посветен на царското семејство Јулиевци.
Аквадуктот Аква Масија е изграден во 2-от век пред нашата ера и дел од него се наоѓа под земја.
Меѓу аквадуктите е и Аква Леликс, кој во 1586 година го изградил папата Сикст Петти.
Локалното население ја препорачува оваа атракција на сите туристи што ќе дојдат.
„Дури и да не ве фасцинираат античките инженерски достигнувања, па и самите урнатини, верувајте, ќе бидете воодушевени од играта на боите и сенките, и прекрасните зајдисонца“, велат тие.
Некои одат и дотаму што велат дека најубавото време да се посети аквадуктот е наутро, на изгрејсонце.
А. Ј. | Црнобело