„Посетив македонско село со 30 жители, пиевме вода од извор, истражувавме шумски патеки - убава си Македонијо“
Кога ќе се заситиш од работната недела, најчесто не ти се прави ништо или ти се патува некаде. Дури и еднодневна екскурзија може да биде во наша полза. Во петок навечер правиш договор со неколку блиски пријатели и веќе сабота наутро, со автомобил возите до некое интересно место во Македонија. Токму ваква дневна агенда ми се случи мене пред недела-две.
Од Куманово се упативме кон село П’клиште, кое се наоѓа во северозападниот дел на општина Ранковце. Поминавме покрај Отошничко Езеро, кое е вештачко езеро, а до самото езеро води асфалтиран пат.
Неколку пати имав одено и секогаш во лето. Измислено е за кампување и пикник!
На пат до П’клиште поминавме покрај ресторанот „Ранч“ кој со својот етно амбиент и староградска музика секогаш е добар избор за ручек.
Продолживме да возиме по стрмниот пат каде се разминавме со десеттина крави, доближувајќи се поблиску до П’клиште со куќи од раштркан тип. Познато ми е дека во ова село никогаш не живееле многу луѓе, но жалосен е фактот што е веќе при изумирање.
Она што успеав да го дознам е дека на последниот попис имало само 30 жители.
Меѓутоа она што најмногу ме изненади од сè е тоа што насекаде има нови викендички, а уште толку многу карабини кои за година дена ќе бидат во функција. Пријателот со кој бевме ми кажа дека кога почнала пандемијата со коронавирусот, луѓето нагло почнале да купуваат земјиште и да град.
Иако грееше сонце, сепак беше ладно и дуваше ветер кој ни ги штипеше образите. И покрај тоа не можевме да одолееме и почнавме да пешачиме низ околните шумски патеки, патем пиејќи вода од изворите кои често ги сретнувавме наоколу.
По топлиот чај испиен во викендичката на пријателот, ги облековме стоплените јакни и денот го продолживме со селото Герман чиј атар се граничи со границата на Србија.
Природата таму воодушевува. Едноставно не можеш да го тргнеш погледот од она што се појавува зад секоја кривина.
Кога стигнавме попешачивме низ селото, поминавме покрај училиштето, покрај главна селска црква „Св. Троица“, која е подигната во 1930-те. Дишевме чист воздух загледани во хоризонтот пред нас.
Се сретнавме со еден локалец кој ни кажа за големиот народен собир, познат како Макавеј кој се случува на 14 август каде на времето знаело да присуствуваат и до 10.000 луѓе.
Пробав да го замислам детскиот восхит како се вртат на рингишпил и културно-забавната програма со домашни пејачи. Човекот нè испрати до селската продавница „Галаксија“ каде купивме пченкарно брашно, колбаси и јајца.
Внатре имашe запаленo ќумбе и неколку луѓе седанти наоколу. Оваа слика ми оживеа толку многу спомени што ме потсетија на детството, па останавме да помуабетиме уште малку, греејќи си ги рацете.
Кога веќе сфативме дека се стемнува се вративме до П’клиште за денот да го завршиме со еден скромен, ама вкусен оброк!
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х. | Црнобело