Бев на викенд во Ирска: Летот од Скопје ме чинеше 50 евра, а Ирците се како Балканците - сакаат веселба, добра храна и пиво

„Ирците ме потсетуваат на Балканците. Прво овој факт ми беше воочен од мои познаници кои ја имаа посетено Ирска пред мене, а потоа го воочив тоа и јас. Храната е супер. Цените не се како кај останатите европски држави, природата е прекрасна, времето ветровито. Преку Келтите, Ирска е ставена на мапата како една мистична земја, полна со чудеса. Секој кој може, нека ја посети.“

Prodolzhen-oktomvriski-vikend-vo-Irska-Ircite-me-potsetuvaat-na-Balkancite-hranata-e-preubava-vremeto-vetrovito-02.jpg

Не случајно ја избрав Ирска како дестинација. Уште од мали години бев фасциниран од историјата, митологијата, природата на оваа земја.

До толку сум фасциниран од оваа држава, што во текот на моите магистерски студии често ја спомнував во моите семинарски трудови. Дали тоа ќе беше за нејзината култура, политички поредок, архитектура, важно некако ги поврзував студиите со овој северен остров.

Prodolzhen-oktomvriski-vikend-vo-Irska-Ircite-me-potsetuvaat-na-Balkancite-hranata-e-preubava-vremeto-vetrovito-03.jpg

Патот до Даблин (авионските билети да бидам попрецизен) ме чинеа вкупно 50 евра. Од Скопје до Брисел 20 евра, и од Брисел до Даблин 30 евра.

Но секако, билетите беа купени месеци однапред. Затоа планирањето беше пола година пред неговото започнување.

За Ирска потребна е виза, но за разлика од другите европски земји за кои ни е исто потребна виза, овој процес е брз и лесен.

Сместувањето исто така успеавме да го најдеме по поволна цена. За три ноќи, односно четири денови, чинеше околу 123 евра по лице, што значи нешто околу 40 евра по ноќ.

Има многу поволни апартмани преку Airbnb - топло препорачувам.

Пристигнавме околу 10 наутро во Даблин, се сместивме во апартманот и веднаш се пуштивме на шетање. Најлесниот начин да се стигне од една до друга точка во Даблин е трамвај.

Конекциите се лесни за разбирање, и интересното е што покрај англиски, во трамваите и секој јавен сообраќај се објавува и на ирски.

Prodolzhen-oktomvriski-vikend-vo-Irska-Ircite-me-potsetuvaat-na-Balkancite-hranata-e-preubava-vremeto-vetrovito-04.jpg

Уличките се скоцкани како од сликовница. Иако првиот ден беше тмурно и облачно, сепак имаше некоја убавина. Секоја уличка за себеси посебна приказна.

Некоја топлина како да се ширеше од секое ќоше. Даблин навистина личи на жив град, наспроти тоа што беше во минатиот век, со сите политички турбуленции.

Prodolzhen-oktomvriski-vikend-vo-Irska-Ircite-me-potsetuvaat-na-Balkancite-hranata-e-preubava-vremeto-vetrovito-05.jpg

Даблин е познат по баровите и пивата. Каде и да се завртиш те пречекува мирис на пиво и голема врева. Групи и групи луѓе како се смеат и како се веселат.

Покрај сите тие нешта, таа беше една од работите кои ми паднаа во очи. Гостопримството на Ирците, нивната топлина, и да направат секој турист да се почувствува убаво и добредојдено.

Преку ова ја видов таа сличност со Балканците. Уживањето во музиката, веселбите, насмевките и радостите.

Една од најпознатите улици е Графтон. Најчесто е позната и како шопинг улица. Секогаш полна со луѓе, туристи, странци. Продавниците осветлени и украсени. Навистина треба да се доживее.

Prodolzhen-oktomvriski-vikend-vo-Irska-Ircite-me-potsetuvaat-na-Balkancite-hranata-e-preubava-vremeto-vetrovito-06.jpg

Даблин е исто град полн со катедрали. За нас православните е важен фактот што Свети Патрик е впишан во православните светци, бидејќи делувал на територијата на Ирска пред расколот. Тука може да се види и нивната жива вера.

Prodolzhen-oktomvriski-vikend-vo-Irska-Ircite-me-potsetuvaat-na-Balkancite-hranata-e-preubava-vremeto-vetrovito-07.jpg

Уште една знаменитост е колеџот Тринити, кој е исто така познат не само по неговата елитност, но и по историјата и она што го чува.

Книгата Келс е есенцијално ирско уметничко дело и вистинска „икона“ на земјата и извор на национална гордост. Денес книгата е постојано изложена во библиотеката на колеџот Тринити.

Prodolzhen-oktomvriski-vikend-vo-Irska-Ircite-me-potsetuvaat-na-Balkancite-hranata-e-preubava-vremeto-vetrovito-08.jpg

Првиот ден го завршивме со прошетка по кејот на реката Лифи. На едниот крај од реката се наоѓа модерниот дел од градот, најчесто каде се наоѓаат сите бизнис згради и администрацијата. Навечер тоа е навистина прекрасна глетка. Магично осветлување.

Prodolzhen-oktomvriski-vikend-vo-Irska-Ircite-me-potsetuvaat-na-Balkancite-hranata-e-preubava-vremeto-vetrovito-09.jpg

Следниот ден се решивме да појдеме на другиот крај од Ирска, до Волшебните карпи на Мохер. Претходниот ден додека шетавме случајно најдовме мали штандови низ градот кои нудеа тура до овие прекрасни карпи. Еден билет беше 50 евра, со превоз и туристички водич.

Prodolzhen-oktomvriski-vikend-vo-Irska-Ircite-me-potsetuvaat-na-Balkancite-hranata-e-preubava-vremeto-vetrovito-10.jpg

Тргнавме во 4 часот изутрината. Поради нивната убавина и историја, тие рангираат како една од главните атракции во областа.

Местото е полно со карпи што паѓаат на Атлантскиот Океан и ги комбинира соединувањето на морето и копното. Магична глетка која те остава без здив

. Иако беше премногу ветровито, сепак вредеше да се посети. Тоа е сигурно една од глетките кои нема никогаш да ги заборавам.

Prodolzhen-oktomvriski-vikend-vo-Irska-Ircite-me-potsetuvaat-na-Balkancite-hranata-e-preubava-vremeto-vetrovito-11.jpg

Се изнаслушавме приказни за самовили кои живеат низ шумите во Ирска. Нема човек кој не знае по некоја приказна. И сето тоа е толку фасцинантно.

Другото нешто кои е интересно е тоа што по патиштата се изградени минијатурни замоци во кои се верува дека живеат малите самовили.

И има суеверие дека кој не сакајќи (или сакајќи) ќе оскверни на каков било начин еден од овие замоци, самовилите ќе му нанесуваат зло до крајот на животот.

На враќање накај Даблин застанавме до малото рибарско гратче Галвеј, што е исто познато и како студентско гратче.

Има студенти од целиот свет, собрани на едно место. Се разликува од Даблин само по тоа што немаше толку многу барови. Но енергијата беше иста. Енергија на радост и среќа.

Prodolzhen-oktomvriski-vikend-vo-Irska-Ircite-me-potsetuvaat-na-Balkancite-hranata-e-preubava-vremeto-vetrovito-12.jpg

Во однос на храната, не се разликува нешто многу од англиската, а воедно и од балканската. Големи гурмани кои обожаваат месо.

Како што споменав погоре, храната е поевтина од останатите европски држави. Секој може да помине прилично евтино додека престојува во Ирска ем со храна, ем со престој, ем со пат.

Клучот е во планирањето месеци и месеци пред патувањето. И секако решителноста.  

Малку се три ноќи и четири денови убаво да се истражи Даблин, па и дел од Ирска. Иако морам да кажам дека ова ми беше остварување на една детска желба, сепак останав сега со уште поголема желба повторно да се вратам.

Prodolzhen-oktomvriski-vikend-vo-Irska-Ircite-me-potsetuvaat-na-Balkancite-hranata-e-preubava-vremeto-vetrovito-13.jpg

Кој сака да посети нешто неочекувано, мистично, а исто и налик на Балканот (но некаде на север), мора да ја посети Ирска, мора да го посети Даблин, и секако карпите Мохер.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Кирил Ангелов | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Коктел 15 евра, грчка салата 10 евра: Како се движат цените на Tigania, една од најубавите плажи на ... Плажата позната како „грчки Кариби“ е меѓу најскапите на вториот крак, а храна и...
9 европски дестинации каде и во рана есен е уште топло Од Кипар до Анталија, постојат повеќе места каде може да отидете на есенско пату...
Предлози за викенд во Солун: Музеј на селфи, лизгалиште и забавен парк за целото семејство Топло време, чист воздух, новогодишно декориран: Солун во предновогодишна атмосф...
Топ 15 божиќни пазари во Европа за 2024 како од бајка – кога да ги посетите? Божиќниот пазар во Будимпешта е избран за најдобар за 2024 кој ќе вреди да го по...
Српска блогерка споделува: Колку пари се потребни за посета на спомениците низ Истанбул? За посета на Аја Софија ќе ви требаат 25 евра, за Токапи палатата 45... Колку па...
Кафе и лежалка 4 евра, гиро 4 евра – Како се движат цените на плажа во Неи Пори во 2024? По празникот Духовден и споениот викенд, туристите во Неи Пори велат дека веќе г...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg