„Живеев во Париз – кои се најчестите грешки што ги прават туристите кои го посетуваат?“
Задолжително посетете некоја пекара, користете го метрото за транспорт и не заборавајте да понесете чадор бидејќи времето е многу врнежливо.
Кира Алесандрини пораснала во Париз и забележала дека многу туристи прават некои грешки. Односно, се фокусираат само на најглавните атракции, а ова не им овозможува вистински да ја искусат убавината на градот.
Затоа, Кира споделува на што треба да обрнете внимание кога ќе ја посетите престолнината на Франција.
Нејзините совети во продолжение:
Видете ги главните атракции, но посетете ги и помалку познатите места
Секој што оди во Париз, сака да прошета по Шанзелизе, да се качи на Ајфеловата кула и да го види Лувр.
Сепак, Кира вели ако вистински сакате да го искусите Париз, задолжително да ги посетите и помалку познатите места.
„Прошетајте покрај каналот Saint-Martin и разгледајте ги околните уметнички продавници, тренди ресторани и локални продавници.
Улиците се тивки и мирни во текот на денот. Навечер оживуваат бидејќи многу локалци излегуваат на пијачка“.
Пиењето кафе во кафетерија е прекрасно искуство
Кафетериите се дел од културата на Париз, па Кира вели задолжително да посетите барем една.
„Седнете на терасите, пијте еспресо и гледајте ги минувачите колку што сакате.
Наутро повеќето кафетерии служат појадок, кој најчесто се состои од исечен багет, топол чај или кафе, и сок. Навечер, некои кафетерии се претвораат во барови.
Не очекувајте париските кафетерии да бидат исти како во вашиот град. Овде ретко ќе најдете кафе за носење, растително млеко или пијалаци како лате и ладни кафиња.
Ако порачате кафе во Париз, очекувајте да ви донесат еспресо. Ако сакате млеко, побарајте cafe creme или капучино“.
Мора да посетите барем една пекара
Кога ќе одите во Париз, мора да јадете од некоја пекара.
„Не само што ќе можете да го вкусите автентичниот француски леб, туку печивата ќе ве натераат секој ден да се враќате во пекарата.
Деликатесите како тарт со јагоди, торти и кроасан се идеални за кој било дел од денот“.
Посетете ги познатите музеи, но не заборавајте дека има и помали галерии кои вреди да се видат
Големите париски музеи, како Лувр, се спектакуларни, но ако сте љубител на уметноста, Кира советува да ги посетите и помалите галерии.
„Историското соседство Marais е дом на некои од моите омилени уметнички галерии. Одам во Galeri Perrotin за современа уметност и во Polka Galerie за изложби со фотографии.
За љубителите на француската мода, упатете се во Galerie Dior и Musee Yves Saint Laurent“.
Не ја игнорирајте уличната уметност
Низ целиот Париз има мурали, па градот е како галерија за улична уметност.
Кира вели дека на секоја улица можете да видите некој фасцинантен мурал или скулптура, па внимателно разгледувајте наоколу.