Популарни туристички дестинации кои денес се (делумно) забранети за туристи
Поради штетата што ја направиле туристите низ годините, ако денес седнете на популарните „Шпански скали“ во Рим, можете да добиете казна од над 100 евра.
Иако сите сакаме да патуваме, некогаш туризмот може да претставува проблем за одредени дестинации поради несовесни туристи.
Покрај проблематичните туристи, некогаш властите воочуваат дека некоја дестинација повеќе не е безбедна, па поставуваат целосна или делумна забрана за нејзина посета.
Неколку популарни туристички дестинации кои денес се целосно или делумно забранети за туристи:
Пештерата Ласко, Франција
Во оваа пештера се наоѓаат цртежи направени од нашите предци, а за кои се верува дека се стари околу 17.300 години. На цртежите се претставени разни животни и се вистинско историско богатство.
Пештерата е откриена во 1940 година, а осум години подоцна била отворена и за јавност. Но, поради јаглеродниот диоксид што го издишувале посетителите, цртежите почнале да се оштетуваат.
Затоа, од 1963 година е донесена одлука пештерата да биде затворена за јавност за да се зачува ова историско богатство.
Сепак, туристите можат да ја видат идентичната копија на пештерата направена во близина на оригиналната.
Плажата Маја, Тајланд
Оваа тајландска плажа се прослави благодарение на филмот The Beach со Леонардо ди Каприо во главната улога.
Оттогаш (2000-та година) плажата почнаа да ја посетуваат стотици илјади луѓе, но нивната невнимателност и огромните гужви почнаа да ја уништуваат.
Поради ова, плажата беше затворена цели три години, со цел да се обнови природата.
Годинава плажата беше повторно отворена за туристи, но во строго ограничен број.
Според тајландските медиуми, од август плажата повторно ќе биде затворена на неколку месеци со цел природата да се обнови.
Стоунхенџ, Англија
Познатиот мегалитски споменик е една од најпрепознатливите атракции во Англија.
Сè до 70-тите години од минатиот век, туристите можеле слободно да се шетаат низ камењата. Но, откако експертите сфатиле дека ова не е најдобриот начин да ги зачуваат камењата, го ограничиле движењето помеѓу нив.
Денес ви треба посебна дозвола доколку сакате да прошетате во внатрешноста на кругот, а оваа чест ја имаат само 26 луѓе дневно.
Глечерите Franz Josef и Fox, Нов Зеланд
Овие глечери биле популарна дестинација за планинари, но не повеќе.
Поради топењето на мразот во изминативе неколку години, властите заклучија дека глечерите не се безбедни.
Па, сега можете да ги видите само од хеликоптер.
Bhangarh Fort, Индија
Оваа тврдина во Индија е изградена во 1573 година и денес е напуштена. Според локалните легенди, тврдината е проколната, а локалците до денес веруваат во тоа.
Користејќи ја „проколнатоста“ како изговор, властите бараат посебна дозвола доколку сакате да го посетите местото откако ќе зајде сонцето.
Сепак, поверојатно е дека причината за забраната се многуте диви животни во околината кои претставуваат сериозна опасност за посетителите.
Чичен Ица, Мексико
Денес можете да го посетите дрвениот мајански град, но не смеете да се качувате на најголемата пирамида.
Наводно, забраната е поради туристка која се искачила на најголемата пирамида и паднала од неа. Жената загинала веднаш бидејќи пирамидата е висока 30 метри.
Шпански скали, Рим
Познатата атракција во Рим беше речиси уништена од својата популарност. Поради огромниот број на туристи, низ годините скалите беа извалкани со остатоци од пијалаци и гуми за џвакање.
Во 2016 година, властите во Рим одвоија над 1,5 милиони евра за да ги исчистат и оттогаш им забранија на туристите да седат на нив.
Значи, можете слободно да ги видите скалите, но ако седнете на нив или се осмелите да јадете таму, ќе платите казна од над 100 евра.
Спирова С. | Црнобело