Еден од најубавите грчки острови – како да стигнете до Лефкада и што треба да посетите таму? (фото)
Сигурни сме дека кога помислувате на најдобриот летен одмор во Грција, секогаш ви текнува на Санторини или Миконос. Иако овие острови се места кои треба да ги посетите доколку сте во можност, убавата Лефкада која нуди прекрасни планински села и магични плажи, овојпат навистина победува.
Лефкада е еден од наубавите грчки острови и се наоѓа во срцето на Јонското море, поврзан до копното со мал мост.
Овој остров е лесно пристапен со автомобил и може да се пофали со еден од најубавите природни пејзажи и некои од најсценските плажи.
Како да стигнете со автомобил од Македонија до Лефкада (преку граничен премин Богородица)?
Оваа рута е лесна, со тоа што се вози по меѓународни автопати и сообраќајот е брз.
- Примарната рута e Е-75, а штом ќе стигнете близу до Солун треба да ја напуштите и да продолжите по Егнатија Одос (автопат А2) и да возите до Јанина.
- Од Јанина продолжете да ги следите знаците кои водат кон автопат А5, а потоа оние кои водат до Превеза и Филипијада. Најдобро е да ја вклучите мапата од Егнатија Одос до Превеза за да не се збуните.
- Кога ќе пристигнете во Превеза треба да поминете низ подморски тунел каде што се плаќа патарина од 3 или 4 евра.
- Кога ќе излезете од тунелот возете покрај аеродромот Превеза и од таму веќе има многу знаци кои ќе ви помогнат да пристигнете на Лефкада.
- Пред да пристигнете на островот ќе возите низ пловечки мост наречен Ф/Б Санта Маура. Овде не плаќате патарина. Сепак, возете бавно. После мостот веќе пристугнувате на островот и можете да го започнете вашето уживање.
Патувањето не би траело повеќе од 8-10 часа, но зависи од кое место во Македонија патувате.
Неколку прекрасни плажи и места кои треба да ги посетите на Лефкада:
Плажа Порто Кацики
Оваа плажа нуди хипнотизирачки тиркизни води, a сликите само ја навестуваат вистинската величественост. За подобро доживување, треба да ја посетите!
Плажа Егремни
На неколку километри од Порто Кацики се наоѓа плажата Егремни. Егремни го брани долг, непопустлив ѕид од карпи, а по земјотресот во 2015 година пристапот од копно стана невозможен.
Единствениот начин да стигнете на плажата е со брод, но навистина вреди да ја видите оваа песочна плажа и волшебниот поглед кон морето.
Плажа Катизма
Оваа плажа ги спојува сите генерации преку забавната атмосфера што ја нуди во своите осум барови и ресторани. Ако не сакате забави, тогаш можете да уживате во погледот од високите ридови и да се насладувате на магијата која ја нудат брановите кога го погодуваат брегот.
Василики
Ова одморалиште нуди различни активности како сурфање на ветер, а можете исто така да изнајмите велосипед или да најдете патека за пешачење за да се качите на долината и да уживате во величествените глетки.
Плажа Каваликефта
За да стигнете до оваа плажа која е сместена меѓу карпи, треба да одите по една неудобна патека, но не дозволувајте тоа да ве спречи. Кога ќе стигнете таму навистина ќе бидете воодушевени од убавините, мирот и од тикризниот сјај на водата. Ќе видите дека долгиот и неудобен пат навистина вреди!
https://www.instagram.com/p/CRi-sHEACLF/
Манастир Фенеромени
Поставен високо на еден рид на десет минути од градот Лефкада, Фенеромени е манастир во кој се наоѓа иконата на Богородица, заштитничката на островот.
Ова место има духовно значење за Лефкада, бидејќи илјадници години било место на храмот на Артемида, божицата на ловот.
Причината за посета не е толку архитектурата, туку црковниот музеј внатре, кој има литургиски артефакти како икони, одежди, путири и ракописи собрани од манастири околу Лефкада кои веќе не постојат.
Водопад Нидри
По патеката од градот Нидри до овој водопад, ќе одите низ мирисливи цитрусни и маслинови градини, а потоа во тесната клисура ќе треба да прескокнете преку лизгавите карпи.
Онаму каде што патеката влегува во клисурата има бар ако ви треба освежување, а во екот на сезоната ќе најдете тезги надвор за продавање локален мед.
M. Г. | Црнобело