„Бев на свадба во Турција каде цела вечер се служеше само турски сладолед – се прави од козјо млеко и салеп, не се топи 72 часа“

Кахраманмараш нема многу туристи, па бев поканета дури и на свадба каде една тетка се обиде да ми го намести кумот. Интересно беше што немаше ниту пирошки, ниту главно јадење, туку само турски сладолед, кој е познат по тоа што не се топи. Да, оној сладолед од видеата на кои Турците прават мамки на туристите... А, што се случи со кумот...?

bev-na-svadba-vo-turcija-kade-cela-vecher-se-sluzheshe-samo-turski-sladoled-se-pravi-od-kozjo-mleko-i-salep-ne-se-topi-72-chasa-001.jpg

Кулинарската култура на Турција се состои од широк спектар на различни вкусови, а кога станува збор за десерти, може да се каже дека Турција е една од земјите со највкусни десерти. Сладоледот од Кахраманмараш е еден од вкусовите што се издвојува меѓу останатите.

Ако сте имале среќа да одите на прошетка низ Истанбул, сигурно ги имате видено продавачите на сладолед кои со комплицирани (или за многумина интересни) движења ги забавуваат клиентите кои нетрпеливо чекаат да го добијат тоа вкусно задоволство.

Сигурна сум и дека сте наишле на некое видео на социјалните мрежи каде што овој процес на продавање сладолед е прикажан. Ако не знаете за каков сладолед станува збор, тука сум да ви раскажам.

bev-na-svadba-vo-turcija-kade-cela-vecher-se-sluzheshe-samo-turski-sladoled-se-pravi-od-kozjo-mleko-i-salep-ne-se-topi-72-chasa-02.jpg

Пред многу години кога за првпат го посетив градот Кахраманмараш (кој се наоѓа во медитеранскиот регион во Турција), слушнав за овој вкусен сладолед или како што тие велат на турски: maraş dondurma. 

Првата вечер кога пристигнавме го добивме овој сладолед за десерт. Беше во вид коцка, па очекувавме да го јадеме со лажица, но до чиниите имаше нож и виљушка. 

bev-na-svadba-vo-turcija-kade-cela-vecher-se-sluzheshe-samo-turski-sladoled-se-pravi-od-kozjo-mleko-i-salep-ne-se-topi-72-chasa-06.jpg

Беше чудно, па затоа почекавме да видиме како ќе го јадат Tурците. И да, сладоледот не беше замрзнат, но штом го служат во чинија, треба да користиш нож и виљушка. Ни раскажаа дека не се топи дури до 72 часа.

Овој сладолед се прави од козјо млеко, шеќер, салеп (сладок пијалак направен од млеко во прав добиен од корени на орхидеи) и ароматична смола (која се добива од дрвото pistacia lentiscus).

Салепот и смолата му даваат растегливост и отпорност да не се топи, а уникатниот вкус го добива од млекото во комбинација со салепот. 

Млекото го варат на 90°С, а потоа ги мешаат и останатите состојки и го оставаат да замрзне околу 6 до 7 часа на -6°С. И ете така, потоа уживаат додека го јадат и ги шармираат многуте туристи низ цела Турција.

bev-na-svadba-vo-turcija-kade-cela-vecher-se-sluzheshe-samo-turski-sladoled-se-pravi-od-kozjo-mleko-i-salep-ne-se-topi-72-chasa-03.jpg

Додека престојувавме во Кахраманмараш, исто така прошетавме и до соседните села за да се запознаеме со локалните жители. Таму можевме да видиме дека луѓето претежно се занимаваат со производство на козјо млеко.

Освен што пробавме вкусно природно млеко, нè послужија и со ајран (освежителен пијалак кој е сличен на нашиот јогурт), а прекрасните бабички кои беа собрани наоколу и подготвуваа ѓозлеме, не нè пуштија да си одиме без да го пробаме овој вкусен специјалитет.

bev-na-svadba-vo-turcija-kade-cela-vecher-se-sluzheshe-samo-turski-sladoled-se-pravi-od-kozjo-mleko-i-salep-ne-se-topi-72-chasa-04.jpg

Велат дека да одиш во Турција и да не пробаш ѓозлеме е грев, па така и ние не можевме да кажеме не.

Ѓозлеме е вид тенка пита која ја полнат со сирење, спанаќ или варен компир и многу зачини. Ние пробавме со компир и сирење. Секако, после ручекот добивме чај, а потоа погодете што? Сладолед! 

Овој сладолед е насекаде, па дури и на свадбите. Можеби бевме помеѓу малкуте туристи кои го посетуваат Кахраманмараш, па на луѓето им беше интересно што дури бевме поканети на свадба. 

Знам дека чекате да ви раскажам уште малку за сладоледот, ама морам да ви кажам дека кога влеговме на свадбата, сите беа весели и почнаа да танцуваат со нас.

Така, додека танцувавме, една тетка дојде да ми каже дека кумот не е женет (со мимики и гестови, но кога ми ја покажа неговата рака без прстен, тогаш разбрав што сака да каже). 

bev-na-svadba-vo-turcija-kade-cela-vecher-se-sluzheshe-samo-turski-sladoled-se-pravi-od-kozjo-mleko-i-salep-ne-se-topi-72-chasa-08.jpg

На свадбата немаше многу гости, па беше лесно да се запознаеш со сите. Ресторанот беше мал, но и масите беа празни што за нас Македонците е нешто многу чудно.

Како така свадба без пирошки? Е, тука немаше пирошки, ниту пак салати, а не видов ни да служат вечера.

Единственото нешто што се служеше на оваа свадба беше многу сладолед и вода.

Ова е доказ дека овој сладолед е кралот на Кахраманмараш, па ако планирате да одите во Турција наскоро, не заборавајте да додадете на вашата листа турски сладолед! 

bev-na-svadba-vo-turcija-kade-cela-vecher-se-sluzheshe-samo-turski-sladoled-se-pravi-od-kozjo-mleko-i-salep-ne-se-topi-72-chasa05.jpg

А, што се случи со кумот? Танцувавме, ама не планирав да останам таму, па така кумот си отиде дома без жена, а јас? Јас си јадев сладолед.

M. Г. | Црнобело / фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

Бев на одмор во Грција во средината на септември - Зошто ми се допадна летувањето на крајот од сезон... Единствената лоша страна на летувањето вон сезона, на крајот на септември, е тоа...
Коктел 15 евра, грчка салата 10 евра: Како се движат цените на Tigania, една од најубавите плажи на ... Плажата позната како „грчки Кариби“ е меѓу најскапите на вториот крак, а храна и...
Топ 15 божиќни пазари во Европа за 2024 како од бајка – кога да ги посетите? Божиќниот пазар во Будимпешта е избран за најдобар за 2024 кој ќе вреди да го по...
„Живеев во Дубаи и го мразам – сите, освен богатите мажи, се третирани како предмети“ „Гледав мажи кои шетаат со три по сопруги кои изгледаа мизерно. Ме бомбардираа с...
„Песок мек како брашно, тиркизна вода“ – Најубавата плажа во Анталија, според српска патувачка блоге... „За да стигнете до плажата, морате да се спуштите по 200 скали, но вреди“ – вели...
„Бев во два живописни града во Романија, патував 8 часа со автобус од Скопје – цените беа исти како ... „Прошетките по живописните улички на Темишвар и Сибиу, скромната невеста што поз...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg