Низ објективот на Евгениј Хоуп: „Македонија ја заменив за Малдиви на неколку месеци – подводниот свет е незаборавно искуство“
„Кога скокнав во вода и се завртев имаше над триесеттина ајкули кои се бореа да се најадат. Првите неколку минути чувствував неудобност, а едната ајкула ненамерно со задникот ја плеснав по глава...“
Кога не ги знаеш причините за она што ти се случува во животот, секако дека прво ќе почнеш да се обновуваш себеси, ама барем биди поблаг со критиките што ги си упатуваш. И така, времето само ќе ги открие одговорите.
Да почнам од почетокот. По некој склоп на околности се најдов на Малдиви, тука ќе сум некое време. Ни самиот не знам колку. На крај на ноември требаше за првпат да дојдам тука, ама на ден пред тргнување PCR тестот ми испадна позитивен, а немав ниту еден симптом... Каков баксуз си викам!
Но еве, после месец и половина конечно сум тука. Сигурно не сум единствен што на Малдиви гледаше како на дестинација за млади брачни парови, а не за соло патувачи и оние кои сакаат да му побегнат на монотоното секојдневје.
За право на вистината, пред да се отвори првиот ресорт на Малдиви, некаде во седумдесеттите години, оваа островска држава била позната само на големите авантуристи и сурфери.
Повеќе од половина месец се наоѓам на островот Мафуши, долг 1 километар, а широк 300 метри и е мојата почетна точка за запознавање на подводниот свет на Индискиот Океан. Тоа е она што го прави целиот престој незаборавен, покрај тиркизната вода и плажите.
За овие неколку дена имав можност да пливам со сè и сешто. Иако има уште многу живи суштества кои сакам да ги запознам во следните недели, ама и ова е доволно за почеток.
Дента по пристигнувањето заедно со целата екипа со брод се возевме од една до друга точка и прво налетавме на делфини.
Штом ги здогледуваш моравме веднаш да скокнеш во вода, два-три пати успеав да ги начекам под мене, и тоа десеттина делфини на само неколку метри под мене.
По ова следуваше и лоцирање на водните желки на еден од коралните гребени, мислам дека ни требаа 45 минути пред да налетаме на една која безгрижно си пливаше со секој од нас. Никој не ја ни допре, тоа е првото правило што ќе ти го кажат пред да влезеш во вода.
Постои една заблуда во светот, а имам и доказ за тоа. Еднорози не се коњи, туку риби. Ако не верувате направете си и принтскрин. Мала шега…
Чувството е прејако да пливаш помеѓу стотици short-nosed unicornfish, а ако имаш човек што го знае добро подводниот свет може да те одведе и да се запознаеш и со ocellaris clownfish.
Рибата на сите ни е позната од цртаниот филм Немо.
Сите овие доживувања беа супер, но пливање со ајкули ми беше највозбудливо. Кога скокнав во вода и се завртев имаше над триесеттина ајкули кои се бореа да се најадат од храната што им ја фрлаа од бродот.
Првите неколку минути чувствував неудобност додека се наоѓав помеѓу нив, при самиот крај некако се напикав помеѓу нив, а едната ајкула ненамерно со задникот ја плеснав по глава, а со рацете и нозете им чувствував кожата на другите.
Ништо страшно не се случи, тие ладнокрвно ме игнорираа и се однесуваа како да не постојам.
Како и да е, сега сум спремен да ги обновам сите овие искуства, иако пред неколку дена бев да пливам со нешто многу поголемо, сепак тоа ќе го раскажам во следна прилика.
Сакам уште еднаш да го доживеам тоа искуство за да можам да го споделам како што треба.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело