Белград од поинаков агол: Кул сплавови, винтиџ продавници со таен влез – места кои треба да ги посетите
Белград е од оние метрополи кои барем еднаш годишно нè примамуваат да ги посетиме. Иако, навидум, мислиме дека го имаме прошетано, со секое одење ние откриваме нешто ново. Веројатно сите ќе се согласиме дека посебен шарм поседуваат оние мали локали и барови што ни ја освежуваат имагинацијата, скриените улички и премини, како и прозорците и балконите кои ни овозможуваат Белград да го видиме од поинаква перспектива.
На пример, во Green Mill Pub на улица Рајичева преку ден можеш да уживаш на сонцето и со добро друштво и кафе да направиш пауза од разгледување на градот, а во вечерните часови со неколку кригли пиво и со свирка да ја започнете вечерта како што треба.
Ако се најдете на Земунски Кеј тогаш имате голем избор на сплавови каде што може да седнете. Lemon Chill е еден од сплавовите што ми го привлече вниманието и заедно со моите пријатели таму поседовме саат и пол во пријатно и топло опкружување.
Исто така, ако продолжите по истиот кеј ќе налетате и на сплавот Гугутка, чиј инспиративен ентериер нема да ве остави рамнодушни и ќе посакате барем да направите една фотка за спомен.
Ако сте миленик на палачинки и сакате да си го овозможите тоа задоволство, тогаш најдете ја палачинкарницата Глумац и подгответе се за едно калориско уживање.
Палачинка со нутела, плазма со млеко и банана – тоа беше мојот избор во вечерните часови, иако за појадок изедов 4 домашни палачинки во сместувањето.
Кога сте веќе на Кнез Михајлова и ако влезете во трговскиот центар Рајичева може да седнете во рестораните што се наоѓаат таму или едноставно да излезете на балконот за пушење и од високо да ја погледнете најпрометната улица во Белград и она што се наоѓа околу вас.
Прифатете ја реалноста, кога времето е сончево, парк-тврдината Калемегдан е преполна со посетители. Едвај и да можеш да се разминеш, но барем ќе имаш можност да уживаш во пространиот поглед што ти го овозможува оваа локација.
Да, ќе се сложам дека во Белград има премногу продавници за шопинг, но кога бев неодамна со еден пријател откривме една интересна винтиџ продавница, Шмизла.
Се наоѓа на прв кат во една зграда, мора да заѕвоните на домофон за да ви отвори некој, а таму ќе чека еден посебен свет на интересни работи: од грамофонски плочи, очила, значки до необични парчиња облека и играчки од време на Југославија.
Како и да е, ова е само еден дел што ми падна на памет и слободно може да ги посетите локалите кога ќе одите во Белград следен пат.
И во град каде што има многу книжарници, ќе биде голема штета ако не влезете и не си купите барем една книга за себе.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело