„Бев на одмор во Египет, од Скопје летот е 3 часа, морето е рај – зошто топло го препорачувам?“
„Во Египет со партнерот стекнавме нов пријател, се вика Мухамед, беше восхитен затоа што мојот партнер знаел кој е најпознатиот египетски фудбалер, едноставно зрачеше, и тоа не само тој, туку и сите Египќани зрачат со позитива – токму духот на луѓето е тоа што го прави Египет совршена дестинација за туристите, се разбира, покрај сите други убавини.“
„Поради ситуацијата со корона вирусот, можните рестрикции, како и понудите со пристапна цена, годинава како летна дестинација го избрав Египет.
За првпат стапнав на афричкиот континет, а одморот навистина ми ги надмина очекувањата. Подводниот свет во чистото и претопло Црвено Море е незаборавна искуство, пустината е уникатно доживување, а љубезноста на Египќаните е нешто што само може да се доживее, а не и опише.
Да почнам од тоа што сите ги интересира - дали е претопло да се оди во август?
Да, навистина беше топло, но и има ветре постојано, покрај море си и мене ми беше сосема во ред. „Пеколот на земјата“ како што многумина знаат да прокоментираат за одењето среде лето во Египет го почувствував само на турата во Луксор.
Инаку, над 30 степени е и наутро и навечер, а во текот на денот качуваше до 40. Задолжително спиевме со клима.
Отидовме со чартер лет, траеше 3 часа, по пристигнувањате ни побараа сертификат за вакцинација или ПЦР тест. При влез во Египет плаќате виза од 25 долари.
Ресортот го бирав според плажата, па беше подалеку од градот Хургада во пределот Soma Bay, блиску до Сафага, но морето ми ги надмина очекувањата.
Сакав да нема преголема плима и осека, плажата да е песочна без морски ежиња при влез, на плажата да имам чувство на приватност и, се разбира, најважното да има корален гребен за да можам да нуркам. И така и беше.
Се чувствувавме како насукани на напуштен остров, иако ресортот беше полн. Гледавме колку народ има само на оброците, додека на плажата имавме чувство дека сме сами.
Палми на сите страни, плетени прегради од страна на лежалките, лулашки на плажа, претопло море каде не ви е потребен дури ниту миг за адаптација пред да влезете во водата, пресолено море кое ве држи на површината и кога ќе ставите очила за површинско нуркање дефинитивно имате чувство како да пливате во аквариум, најшарени видови на риби, плус ако имате лепче за да им фрлите ќе има „турканица“ од рипчиња околу вас.
Неверојатно беше што еден ден на плажата во плиткото ни дојде и желка од околу 100 килограми. Таа се гостеше со морски тревки, а ние не можевме да им веруваме на очите. Не лажам, чесен збор.
Подводниот свет особено го искусив кога бев на нуркање со боци. Цел ден на брод со ручек, блага паника од новото и непознатото, но и искуство кое нема да го заборавам.
За почетници беше дозволено нуркање до само 5, 6 метри, но вам чувствтвото ви е како да сте на 20 метри под морската површина и дека сте во еден нов свет. Турата е навистина евтина, за разлика од други места во светот.
Се разбира, инструкторот е тука до вас, постојано ве држи и при најмал момент на паника или каков било проблем е подготвен да ве изведе на површината. Најважно е што се чувствувате безбедно.
Од цел брод полн луѓе само еден дечко испаничи и не сакаше да нурне, сите други имаа успешна мисија, иако тоа го правеа првпат во животот.