„Бев на одмор во Египет, од Скопје летот е 3 часа, морето е рај – зошто топло го препорачувам?“
За подалечните тури се мислев помеѓу Каиро и Луксор и гуглајќи се одлучив за Луксор. Турата Каиро од мојот ресорт беше на 8 часа возење, значи вкупно 16 часа возење во рок од 24 часа тура и само кусо време на пирамидите, некако ми звучеше пренапорно.
Го оставив Каиро за во постудени денови. Појдов во Луксор, кој е град музеј. Насекаде храмови, скулптури на фараони и што уште не.
Историја на секој агол и совршенство од архитекура, надополнето со крстарењето на Нил беше искуство кое се помни цел живот.
Вредеше жртвата што беше претопло. Најважно е да носите лесна облека, да пиете многу вода и да имате шешир на главата.
Агенциите нудат и други понуди како шоуа и пливање со делфини, тематски паркови, крстарење со бродови со проѕирно дно и што уште не, но тие ги оставив за наредната посета на Египет, која дефинитивно ја планирам, затоа што во спротивно одморот ќе ми беше трка.
Турите траат по цел ден и би било пренапорно ако не правите пауза некои денови. Направете си совршен баланс на тури со престој во ресорт и ќе биде одлично. И едната и другата крајност не се добри.
Инаку, сите се насмеани. Египќаните се пример како се сака животот дури и кога не ви оди како подмачкано во животот.
Тие земаат прениски плати, за еден долар бакшиш се пресреќни и работат од утро до мрак, но велат дека токму тоа што имаат толку многу проблеми и не можат да ја планираат иднината прави да го користат секој ден до максимум, да се насмеани и да уживаат во животот.
Филозофија на живеење која дефинитивно ни е потребна и нам тука. Ако само малку научиме од нив, ќе биде многу подобро.
Таму го запознав и мојот другар Мухамед Осама. Tој е 26-годишно прекрасно момче кое го запознав на турите.
Работи хонорано како водич и откако му кажав дека ќе напишам нешто за него секој ден ми пишува дали е објавена статијата за него.
Без проблем ми даде изјава и ми прати фотки од себе, пресреќен беше дека се интересирам за неговиот живот и за неговата татковина.
Што ми кажа Мухамед за себе ви пренесувам во целост:
„Моето име е Мухамед Осама, а пријателите ме викаат Осос, имам 26 години, дипломирав на Филолошкиот факултет на Универзитетот Aswan.
Се приклучив кон египетската армија една година по дипломирањето, потоа си најдов добра работа, но поради ситуацијата со короната останав без работа, сè сопре.
Бев извесен период дома, но кога слушнав дека туризмот повторно заживеал се слушнав со пријател од Хургада и ме повикаа да работам како туристички водич на македонските, српските и романските гости.
Хургада ми се допаѓа затоа што има прекрасни плажи, ситен песок, а и градот е навистина убав. Горд сум што луѓето во Египет се многу добри и љубезни, силни и професионални.
Ми се допаѓаат Македонците, имам многу пријатели таму и среќен сум што доаѓаат да ја видат мојата земја. Сите сте добредојдени во секое време.“
Со Мухамед сме пријатели на социјалните мрежи и се надевам дека еден ден ќе го посетам повторно, но и дека наскоро ќе заврши корона кризата и ќе успее да си пронајде работа по струка, каква што посакува.
Инаку ценкањето во Египет е неминовно. Иако не сум љубител на тоа, сепак така функионираат работите, изгледа како локалците да уживаат во тоа.
Ќе пронајдете прекрасни сувенири, магнети, чанти со традиционални дезени и што уште не по навистина евтини цени. Општо цените се ниски, односно слични како кај нас.
Во ресортот каде јас престојував најголемиот број на гости беа од Украина, Русија, Чешка, а дури кон крајот на престојот пристигнаа гости од Србија, Црна Гора и Македонија, но во мал број.
Запознав многу луѓе и чувствувам дека тие пријателства се пријателства за цел живот. Барем така мислам сега. Исто така и на турите запознавате многу луѓе, па и тоа си има своја магија.
Класично сончање во Египет во ек на лето нема. Јас сум една од оние што е на сонце постојано, но таму не. Сонцето е пресилно и може да ви се нафрли кожата, но затоа и под шарената сенка од сламените чадори ќе добиете совршен чоколаден тен.