„Турата од 600 денари со брод од Охрид до Свети Наум ми е едно од најубавите искуства во Македонија - топло го препорачувам“
Ако крајот на ова лето патот ве носи накај Охрид тогаш топло ви препорачувам да одвоите еден ден за крстарење по Охридското Езеро, неколкучасовно доживување во кое ќе си ги насладите очите со охридската убавина, ќе уживате во играта на брановите и галебите, а зелената боја ќе ви донесе мир на душата.
Охрид е македонскиот бисер и балканскиот Ерусалим, мало парче рај на земјата кој едноставно плени со сета своја убавина надополнета со богата историја, мали скриени цркви и манастири, стари, дрвени кајчиња, рибарите и скриените плажи долж прекрасното езеро.
Од изворот на Дрим, до музеите, преку познатата охридска архитектура и изворите на Билјана, до гордата Самоилова тврдина, низ чаршијата и Чинарот до Трпејца, Градиште и Љубаништа, овој наш град докажано ја носи титулата за најубав во државата.
Го сакам Охрид поради сета негова магија, и секој кога посетувам откривам нешто ново, а старо и легендарно, познато, а скриено... Тој секогаш успева да ме остави без зборови.
Пловење по езерото со прекрасен поглед
Ова летото турата од градското пристаниште до Свети Наум со посета на Заливот на коските чини 600 денари по човек, и истата трае околу 6 часа. Јас отидов со првата во 10 часот со бродот Александрија, а имаше и тури во 11 и 13 часот. Цената и рутата се исти, различен е само бродот.
Седнавме на клунот на бродот, за наша среќа немаше многу патници, па уживавме во тишината и волшебниот поглед на Охридското крајбрежје, синилото во недоглед, чиниш езерото и небото е во бесконечна прегратка, совршено место за утринско кафе.
И како што полека сонцето се искачуваше на небото, бродот полека пловеше по езерската вода.
Восхитувачки и е погледот кон стариот дел на нашиот Охрид, традиционалните куќи прошарани со расцутени дрва, тврдината на врвот на ридот и црквата Канео на карпата како да го чува езерото и мирот на неговите жители.
Уживам во погледот кон Градиште, Трпејца, Елшани додека мирно пловиме кој другиот крај на езерото. Сино-зелената боја на езерото има навистина смирувачки ефект, толку е кристална, како големо огледало во кое совршено се рефлектира сиот зелен свет од карпите.
И додека тивко уживам во играта на брановите кои се кршат низ карпите запознавајќи го секое катче од далеку, стигаме на нашата прва дестинација, Заливот на коските.
Праисториска населба на вода
Вгнезден меѓу Трпејца и Пештани, музејот на вода, некогашна праисториска населба нè враќа назад во времето. Влезницата е 100 денари, а бродот останува закотвен околу 20 минути.
Посетата на музејот не е задолжителна, но, верувајте ми вреди да се посети. Се претпоставува дека на дрвената платформа некогаш имало 60 живеалишта, и за луѓе и за добиток, иако главно биле рибари, сепак имало развиено и земјоделство и сточарство.
Ова музеј е само мала симулација на некогашна наколна населба за која се верува дека се простирала на 8.500 метри квадратни, а доказ за тоа се и многуте орудија и артефакти пронајдени во езерото изложени во музејот. Навистина се интересни малите куќарки со сламени покриви на езерото.