„Имав интересно доживување во Бигорски манастир – прво треба да добиеш благослов за да се качиш на кулата“
Кога ќе се најдеш на патот кон Дебар, не можеш, а да не застанеш и да го посетиш Бигорски манастир. Тој викенд, заедно со неколку пријатели патувавме низ Маврово и сите едногласно одлучивме да застанеме тука. Беше навистина жешко кога се паркиравме, после сите дождливи недели и променливо време високата температура малку нè забави, ама така беше само тој ден.
Навистина се изненадив што Бигорски манастир беше преполн со луѓе, сè изгледаше како некогаш. Додека го нарамував ранецот се сетив на доживувањата на еден пријател од Куманово кој неколкупати престојувал во манастирот за да слика икони.
Сега е во Италија, па штом слегов од колата го побарав на месинџер за да му кажам дека сум тука и да го прашам на кои икони има работено. Кога ми рече дека од кулата каде што се наоѓаат уметничките ателјеа може да се види убавината на манастирот, веднаш знаев што ќе го прашам следно: како да стигнам до таму?
Кога завршивме со разговорот се подразбираше што требаше да сторам, да добијам благослов…
Ми се свиѓаше како тргна целото патување. Штом се стопив со толпата љубопитни посетители, почнав да се распрашувам за отецот Е…
Будно внимавав да налетам на некој монах и оној прв што ќе се појавеше го опсипував со прашања, па по неколку обиди ми рекоа дека отецот што го барам не бил тука. Нивниот одговор ни малку не ја намали мојата решителност, така што продолжив по благословот што ќе ми даде можност да се качам на кулата.
Додека пребарував од еден до друг агол, налетав на еден од папагалите. Да бидам искрен не знам како му беше името, само се сеќавам дека еден пријател ми раскажуваше дека пред неколку години имало три папагали: Тавор, Жарко и Тото… Сега не знам колку од нив уште се останати во Бигорски манастир. Се надевам дека помнењето сè уште ме служи, па добро ги пренесов нивните имиња…
И така, од едно до друго место, целиот испотен се најдов во кујната од црквата. Ми беше непријатно што прекинав една група на монаси кои си муабетеа, но учтиво им се обратив, вадејќи го својот сламен шешир и им се претставив.
На кратко им објаснив зошто сум дојден и еден од монасите, без никакво двоумење ми се насмевна и ми го даде потребниот благослов, праќајќи со мене еден човек од кујната да ме спроведе до ателјето.
Штом излеговме од кујната, поминавме до кулата со камбаната. По пат на човекот му поставив различни прашања. Не дека не можев на друг начин да се дочепкам до овие одговори, но тој од прва рака ми кажа дека монашката заедница ја сочинуваат околу педесетина монаси, монахињи, волонтери, искушеници и искушенички кои живеат во четири различни манастири: Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кнежино.
Пред да влеземе во еден голем објект човекот од кујната додаде дека сите овие поединци се дел од големото семејство на Господ.
Па така, по неколку искачени ката се најдовме во ателјето за сликање на икони. Мора да кажам дека погледот што се простираше од прозорецот ме освои во истиот миг. Ми беше задоволство што стоев таму, што можев да уживам во манастирскиот комплекс од височина.
За почит е и тоа што дознав дека Бигорски манастир ги отвора своите врати и со широки раце ги пречекува зависниците од супстанци, воедно давајќи им нова шанса да ја обноват својата сила и повторно да го почувствуваат еланот и убавината на животот, без темнината на пороците кои не им даваат мир.
Пред да слезам долу и да и ѝ се придружам на мојата екипа, да го пренесам духовното задоволство кое на кратко можев да го почувствувам во себе си дадов ветување дека следен пат кога ќе дојдам во Бигорски манастир ќе останам неколку дена. Тоа ми е една од желбите што сакам да ги остварам оваа лето, а ги има многу. Па ќе видиме на што ќе дадам приоритет…
Автор: Е.Х. | Црнобело