Бродски дневник на Ивана: „За малку ќе ја изгубев работата заради доцнење, а на пар на меден месец им избега бродот пред нос“
„Еднаш шетајќи низ Венеција на слободен ден, го пропуштив превозот до пристаништето и ми се закануваше отказ од работа, бидејќи доцнење на брод е строго забрането, посебно кога си екипаж. Еднаш бев сведок и на пар кој беше на меден месец на брод, а им избега пред нос на пристаниште, па останаа без пари и документи среде непознат град“ - раскажува Ивана од Скопје за своето искуство со работа на брод, во серијалот „Бродски дневник“ на CRNOBELO.com.
Работењето на брод е трка со времето, постојано гледање во часовникот, целиот ден е буквално до минута е испланиран, работа, ручек или вечера, слободно време за шетање, пауза за кафе...
Постојано ги гледам сказалките на рачниот часовник. Не сум воопшто љубител на рачни часовници, ама кога сум на брод, тој е дел од мене!
Она што го научив од моето досегашно бродско искуство е дека прецизноста со времето е најважна, не смееш ниту минутка да задоцниш на работа. Правило е секогаш да бидеш 10 минути пред почетокот на твојата смена.
Но, најголемата трка со сказалките е кога сум на копно. Времето лета кога сме надвор од бродот. По закотвувањетото на бродот, секој може да излезе и да прошета, и гостите и екипажот кој нема работна должност во тој период.
Она што е најважно е да знаете до колку часот мора да се вратите назад или All on board.
Гостите имаат еден час повеќе од екипажот, па така ако гостите мора да се вратат до 18 часот, екипажот до 17.
Најстрого е забрането да задоцниш на брод, со голема среќа ќе поминеш само со предупредување, но по правило, губење на работното место и сам си ја плаќаш картата до дома.
Имам слушано многу приказни како некои членови од екипажот, а и гости го пропуштиле бродот, ама секогаш верував дека тоа мене никогаш нема да ми се случи, јас сум добро организирана.
Но, како велат старите, никогаш не вели никогаш!
За малку ќе останев без работа... Трчање, страв и паника!
Срцето буквало во петици, препотена од страв и милион сценарија во глава, добро се сеќавам на денот кога за 15 минути ќе го пропуштевме бродот.
Венеција, таа италијанска убавица која е вистински лавиринт полн со изненадувања...
Ја сакам Венеција, сакам да се губам низ каналите и малите улички, да откривам нови мали продавнички кои нудат шаренило од призводи и ситници или само да седам на плоштадот со сладолед и да уживам во танцот на гондолите.
Венеција беше нашиот homeport или главно пристаниште од седумдневната рута. Јас веќе искусна, ми беше третти договор по ред.
Кога е главно пристаниште значи истовар на старите и пристигнување на нови гости, а за нас фотографите, цел ден работа, бидејќи мора да ги сликаме со позадина од пловниот дом.
Но, тогаш во Венеција јас имав слободен ден, прв пат слободен ден! Бев пресреќна, цел ден од 8 до 17 можев да бидам надвор, а тоа значеше само едно, конечно ќе одам во Мурано.
Сон ми беше да го видам Мурано, островот познат по уметноста со стакло, живописни стаклени предмети и накит, а целиот е со шарени куќички и тесни канали.
Со сопругот, тогаш само момче, купивме карти за екскурзија со брод, која застанува на повеќе локации низ Венеција.
Познати се тие бродски тури Hop off, Hop on, што значи сам бираш каде ќе се симнеш и колку време ќе останеш, а обично бротчиња има на секој час.
Прва станица ни беше плоштадот Сан Марко, останавме само малку бидејќи веќе го имавме посетено, застанавме само за кафе, голема шолја капучино и италијански слатки. Следна станица Мурано.
Околу 45 минути пловење со бродот низ прекрасната Венеција. Бев толку возбудена! Конечно! Бев маѓепсана од малиот остров, архитектурата и старите градби, многу мали мостови и секако, работилниците за стакло. Времето како да летна.
Имавме брод за враќање во 15 часот, што значи ќе стигнеме околу 16:30 на пристаништето каде беше закотвен нашиот пловен дом, а за нас, екипаж, Crew on board беше 17 часот.
Но, во целиот мал рај од улички и работлници, во потрага по соврешените обетки од стакло, ни избега бродот во 15 часот.
Шок! И сега што? И како сега назад? Побаравме такси ама ништо. Автобус ќе биде уште поспоро. Следниот брод беше во 16 часот. Ок. Ќе си одиме со него, веќе свесни дека ќе задоцниме и најверојатно ќе бидиме казнети.
Му пратив веднаш порака на менаџерот да го известам дека ќе задоцниме. Среќа, тој беше еден од најдобрите со кои имам работено, па рече да не се нервираме. Но, не може да не се нервирам во тој момент.
А злото секогаш доаѓа во пар, па наместо во 16, бродот доцнеше. Срцето веќе во петици, страв и паника. Дали ќе стигнеме на време?
Милион и едно сценарио во глава! Ќе нè избркаат од работа, ќе останеме во Венеција една недела, ќе не казнат, утре бродот е во Бари, па баравме превоз до Бари.
Ќе кажеме дека нè ограбиле или дека ни се слошило или дека сме се изгубиле! Ама, во секое сценарио кривицата беше наша, сепак ние го прошуштивме првиот брод.
Зад нас имаше гости од бродот, кои си одеа дома следниот ден во Бари, па некако имав надеж дека нема да го изгубиме бродот.
Малку повеќе од еден час траеше возењето од Мурано до пристаништето, а секојпат кога ќе застанеше да земе нови патници, мојата паника растеше, а надежта беше сè помала и помала.
Јас се сеќавам дека стигнавме на пристаниште во 17:40, а бродот требаше да исплови во 18 часот. Трчавме како луди, буквално, речиси без здив. За беља, нашиот прод беше закотвен најдалеку, но стигнавме.
Менаџерот нé чекаше на скалите од единствената отворена порта. Се смееше и ми рече дека никогаш пак нема да ми даде слободен ден во Венеција.
За наша среќа поминавме без казна, ама најголема казна ми беше стравот кој го претрпев.
После тој настан во кој за малку ќе оставме без брод, сме многу повнимателни, па си ветив на самата себеси, дека секогаш ќе бидам еден час пред дозволеното време.
Меден месец од пеколот
Ние имавме среќа, но пар од Италија, кој беше на нивниот меден месец, го пропушти бродот.
Тоа се случи на мојот втор договор, Медитеранска сезона во зима, 14-дневно крстарење од Џенова, преку шпанското крајбрежје до Франција.
Го знаев парот бидејќи сопругот порано работел за истата компанија како обезбедување, се запознале таму па решиле да дојдат на медец месец на истиот брод.
Бродот беше зактовен во Малага. Таа подоцна ми раскажа дека уживале во прошетката кога се сетила дека веќе е доцна. Кога виделе колку е часот, почнале да трчаат кон пристаништето.
Но, од далеку го виделе бродот како испловува. Плачела додека ја гледала таа тажна сцена. Се обиделе да стапат во контакт со бродот, но безуспешно.
И парите и документите, сè им било во кабината. Откако се смириле, се јавила кај мајка ѝ, која веднаш им пратила пари. За среќа успеале да стапат во контакт со агенцијата и им рекле да се упатат на следното пристаниште и ќе можат да го продолжат крстарењето.
Но, секогаш постои но... Следниот ден бил Sea Day или само навигација без пристаниште, а следно закотвување во Валенсија. Така тие преноќиле во Малага, па потоа со воз и автобус, стигнале во Валенсија.
Скоро цела ноќ поминале на пристаништето чекајќи го бродот да стигне во раните утрински часови.
А бидејќи било нивна грешка, секој трошок, од хотелот до транспортот до Валенсија, бил на нивна сметка.
Бродовите имаат политика на чекање на гости најмногу до 15 минути бидејќи таксите кои ги плаќаат за паркирање на пристаништата се многу високи.
Бидејќи тие се симнале од бродот по свој избор, без официјална екскурзија организирана од бродската компанија, не можеле да ги чекаат.
Не би сакала тоа мене да ми се случи никогаш, а уште помалку на меден месец. Романтика со голема доза на стрес, паника и солзи.
А најтешкото од сè, како што ми раскажа несреќната патничка, е што бродот им избегал буквално пред нос.
Па, ако некогаш се решите да одите на крстарење, како гостин или екипаж, бидете екстра внинателни, учете од нашите грешки да не поминете низ тој пекол!
Ивана од Скопје има работено на брод 8 години. Заради пандемијата, година и пол живееше во Бразил, а по долга пауза повторно се врати да работи на брод. Таа за CRNOBELO.com сподели повеќе лични искуства и приказни од работата на брод - тековни и минати случувања.
Сите статии од серијалот „Бродски дневник“ може да ги прочитате ТУКА.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
И. Ј. | Црнобело
Фото: приватна архива И. Ј. / depositphotos.com