„Го посетив селото на баба ми и дедо ми и се потсетив на приказните за вили и вампири од детството - убаво ми беше“
Постојат места на кои постојано им се навраќаме, места кои ни будат спомени што едноставно не може да ги одминеме. Тие постојат за да ги сочуваат нашите искуства и благодарение на нив засекогаш да останат втиснати во нашето сеќавање.
Едно такво место е селото Јачинце. Заедно со семејната викендичка, сместена покрај некогашна пруга ми е седиште на најубавите моменти од детството, пропратени со безброј легенди и приказни кои баба ми и дедо ми ми ги имаат раскажувано.
Да, речеме… Се сеќавам на приказните за чичко Петре, кој поминувајќи на полноќ со магаре покрај Крива Река се сретнал со некој човек, без да знае дека е умрен пред неколку години.
Имаше гласини и за една воденица, која се наоѓа на самиот влез од село Клечевце каде што се појавувале самовили, кои ги заведувале случајните минувачи и потоа им се губел секаков траг.
Но, најмногу сакав да ја слушам баба ми како ми ја прераскажува приказната за двете сестри, кои оставени сами во селска куќа се соочиле со вампир. Го надмудриле, така што му кажале дека ќе му ја отворат вратата ако од бунарот им донесе вода во цедалка.
Секако, водата веднаш истекувала, сè дури не изгреало сонцето и не го исприжило вампирот.
Кога бев пред недела-две таму покрај стандардните прошетки покрај Крива Река и местата кои во лето беа измислени за капење, се препуштив на пешачење и на ридовите спроти мојата викендичка.
Таму природата зборува гласно, а боите те маѓепсуваат со сета убавина. Де насади со жито, со соја, де лозје, де разни видови на цвеќиња и остатоци дека секојдневно се обработуваа таа површина.
Додека шетав си помислив дека ништо повеќе не ми треба од тој момент: пространи полиња, сончев ден и едноставноста на постоењето што денот ја овозможува.
Токму тогаш се присетив и за приказната за самовилата Лиле. За неа сите зборуваа дека е проколната, со нејзиниот певлив глас ги мамела селаните, кои се давеле во базенот за наводнување на ниви.
Повторно го посетив огромниот базен, кој потсетуваше на амбисовидно дно. По металните скали се спуштив долу, очекувајќи да се соочам со самовилата Лиле. Неколкуте обиди секогаш стануваа залудни. Ни трага, ни глас од неа.
На крај, секогаш се наоѓав во мисла дали приказните од минатото навистина се случиле и така биле раскажани или јас со текот на времето сум дал свој облик и форма. Не верувам дека и ќе ја дознам вистината. Ама едно нешто знам за сигурно, понекогаш сите имаме потреба да сме далеку од бетон, далеку од луѓе… Далеку од сè!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. Х. | Црнобело