Кога ќе се отворат плажите и хотелите во Грција и дали ќе носиме маски на плажа?
Како што кај нас ситуацијата се менува секојдневно, така е и во Грција, со таа разлика што за таму сите најмногу ги интересира кога ќе почне сезоната на сончање и пиење кафе на плажа.
Одлучено е дека од 4-ти мај ќе се отворат помалите продавници, а по 20-ти мај е планирано отворање на поголемите трговски центри.
Од 25-ти мај до 5-ти јуни веќе би требало да се отворат кафулињата, рестораните и баровите.
Успешната борба со вирусот, можеби ќе им овозможи на грчките плажи да почнат со работа и да ја спасат летната сезона, а многумина очекуваат околу јуни да се отворат плажите и да се укине забраната за бањање во море, но со задолжително почитување на растојание и избегнување на гужви.
Се очекува и дека хотелите ќе бидат отворени во текот на јуни, но во две фази. Прво, ќе се отворат хотелите кои работат во текот на цела година, додека сезонските хотели и останатите апартмани кои нудат сезонско сместување на туристи, ќе бидат отворени дури подоцна. Сепак, ова не се официјални информации, туку претпоставки и очекувања.
Секако, ова се најпозитивните сценарија и предвидувања. Што се однесува до туризмот, според министерот за туризам, Харис Теохарис, се прават протоколи како истиот би се одвивал почнувајќи од јули, но не на сите дестинации и не за сите земји.
Што ќе се промени на плажите ова лето 2020-та? Дали ќе носиме маски?
Жешкиот песок или лежалките не се оние кои го пренесуваат вирусот. Она што ќе биде најважно е да бидеме раздалечени и да ја почитуваме мерката за 2 метри растојание, што е можно бидејќи Грција располага со „бескрајни“ плажи.
Во суштина, главната заштита се сведува на водење лична хигиена и не оставање остатоци зад себе.
Што се однесува до заштитните медицински маски, голема е веројатноста дека и тие ќе бидат дел од летната опрема ова лето, но само на полни места и затворени простории, како на пример супермаркети.
Она што е важно е да не се потпираме на теоријата дека високите температури го убиваат вирусот.
*Ова се мислења и совети од стручникот на Универзитетот Аристотел во Солун – Павлос Николаидис.
За официјални информации во врска со туризмот и отворањето на плажите, веројатно ќе треба да бидеме уште малку трпеливи.
М. Д. | Црнобело