Зориа Петкоска: „Јапонските села се вистински бисер, гледав како се произведува свила“
Покрај Токио, Кјото е можеби една од најпопуларните дестинации на планетава. Старата јапонска престолнина е полна историски знаменитости, но само на еден час возење надвор од градот, ве чека една скришна и автентична Јапонија која ретко кој ја знае.
Зориа Петкоска Калајџиева за CRNOBELO.com пренесува како изгледа животот таму:
Имав можност да патувам во овој дел на Јапонија и да посетам неколку места меѓу кои рибарските села Ирие и Ине каде мештаните живеат во куќи над водата и наместо гаража имаат мало пристаниште за бротчето. Но едно од најголемите богатства на овој регион кој се вика „Кјо-Танго“ или „Крајморско Кјото“ се занаетчиите кои одржуваат во живот занаети стари стотици години.
Пејзажот додека се возиме надвор од Кјото и кон Крајморско Кјото, каде животот тече побавно. Многу природа и по некоја куќарка низ пространството.
Посетив неколку од нив – свилари, ткајачи, изработувачи на јапонска хартија – а една вечер поминав и на фарма со јапонско семејство. Оваа фото-приказна е за нив и нивните вештини.
Селото посветено на само еден занает
Село Куротани (黒谷和紙の里) – село кое веќе 8 века е посветено на рачна изработка на јапонска хартија која се вика „ваши“. Хартијата ја прават од нула, со природни состојки и процеси.
Кора од стеблото на црница, претходно ставена да отстои во вода и да омекне – една од главните состојки за правење јапонска хартија.
Хорие Сајо, 86-годишна жителка на селото ми раскажа дека прави вакава хартија цел живот, и нема намера да сопре. Случајно ја сретнавме на сред село, со гумените чизми ги газеше корите од црница за да омекнат во водата. Прво се збуни што виде странци во малото селце, ама веднаш се прилагоди и дури и грабна едно ракче од водата и ни го подаде. Потоа излезе од реката и отиде дома да ни донесе и покаже тетратки со рачно изработена хартија која таа ја правела.
Недалеку од селото, старото училиште е претворено во мал центар за правење хартија и мини-изложба. Секој може да се обиде да направи хартија, секако со претходна резервација.
Бидејќи навистина хартијата ја правите од нула, ѝ треба многу време да се исуши, па затоа оставате адреса и ви ја праќаат по пошта неколку дена подоцна.
СВИЛА – од кожурец до најскапи кимона
Има историски докази дека во Јапонија се произведувало свила уште пред 2.000 години. Дел од регионот „Крајбрежно Кјото“ се вика „Танго“ и бил еден од најактивните свиларски региони со векови, па и до ден денес. Во нивните храмови сè уште има многу статуи од мачки, што е реткост (обично се кучиња или лисици), бидејќи за свиларската индустрија во минатото важно било да се чуваат мачки кои ги јаделе глувците и така ја штителе свилата.
Најпрво го посетивме малиот погон за свила „Тају Текстил“ (田勇機業株式会社) кој нуди бесплатни тури и поразговаравме со директорот, Тамои Хајато. Тој е третата генерација која го води „Тају Текстил“, мал семеен бизнис кој има добиено многу награди за квалитетот на свилата што ја произведува.
Нивните машини за ткаење свила ги користат овие мустри кои всушност функционираат како примитивен компјутерски код. Со помош на разните мустри мапината ткае во различни шари.
Во денешно време се користат сѐ повеќе компјутерски програми поврзани со машините, но „Тају Текстил“ ги има зачувано овие материјални кодови.
Свилата произведена во овој регион се вика „креп“, и е природно гужвана и нерамна. За да се произведе доволно свила за само едно кимоно, потребни се од 2.000 до 4.000 кожурци од свилени буби.
И ден денес се користат јапонски свилени буби, но сѐ помалку. Денес воглавно свилените кожурци за увезени од Кина и Бразил, најголемите прозиведувачи на свила во светот.
Од заглушувашките машини, до тивките хипнотизирачки макари со свилени конци.