Зориа Петкоска: „Јапонските села се вистински бисер, гледав како се произведува свила“
Во задниот двор може да видите прекрасна јапонска градина дизајнирана од Шигемори Миреи, многу познат јапонски дизајнер на градини.
Разговарав и со вработените во Јошимура Шотен, препродавачи на груба свила на големо. Исто како и претходните произведувачи, Јошимура Шотен увезува свилени кожурци, но начинот на кој ги обработува е она што ги прави посебни. Оваа компанија постои од 1830та година и има неколку гранки.
Јас ја посетив продавницата во Минејама, која е сместена во прекрасна стара јапонска куќа, која оддава смиреност.
Гледавме како платната се проверуваат над светло детално и строго да нема ни една мала несовршеност.
Само свилата која апсолутно нема ни една грешка или дамка добива специјален печат дека ја поминала контролата. Ако се најдат грешки цената на тој топ свила паѓа за 70%, не добива печат и се продава за други намени, не за правење кимоно.
Разговаравме со Хитоши Јошиока, директорот на продавницата во Минејама, кој гордо ни покажа дека секогаш носи свилена кошула и кравата изработени од свилата од неговата продавница.
Старите занаетчии обично строго се држат до воспоставените стандарди, но некогаш и тие знаат да експериментираат и да воведат нешто ново. Јошиока ни покажа уникатно парче свила кое е изработено и исткаено со лицата на познати Холивудски симболи како Мерлин Монро и Чарли Чаплин.
Овие скапи платна се чуваат во традиционален магацин за таа намена, специјално изграден за да не може да изгори во пожар или да се сруши при земјотрес.
Во овој регион вреди да се посети и старата куќа на семејството трговци Бито, која денес спомен-куќа. Внатре, меѓу другите експонати, висат рачно боени платна со природно индиго кое има антибактериски моќи. Спомен-куќата се наоѓа во Каја, Јосано, уште една славна област за производство на свила. Целата област е прогласена за област од културна важност и се прават напори да се зачуваат историските елементи.
Тамија Рајден (民谷螺鈿) е мал семеен бизнис кој прави уникатни кимона и додатни делови за кимоното. Уникатното е во тоа што во платното вткајуваат и седеф од школки.
Во 70тите Тамија Кацуичиро експериментирал со години за да го развие овој уникатен провес на ткаење со седеф од школки. Ние разговаравме со Тамија Кјоџи, наследникот на бизнисот, а со него активно работат сите членови на семејството.
Цената на ова кимоно е тајна – но ни кажаа дека е поскапо од Ламборџини! Сопственикот ни кажа дека продаваат платно и кимона на многу познати модни куќи, но за жал им забраниле да кажуваат во јавност за да не се експонираат. Во целата таа мрежа од тајни цени и тајни купувачи, сепак ни открија една информација – императорката на Јапонија, Мичико, има еден од нивните појаси за кимоно.
Сепак, овој бизнис продожува со тајни, бидејќи ни самата императорка не знае кој ги произведува кимоната. Ова семејство комплетно се има тргнато од центарот на внимание, но среќни се и горди што нивните дела се толку славни и ценети.
Домот и работилницата на Тамија Рајден
Мукаи Шозо е производител на јапонско саке од 1754та наваму, непрекинато е и семеен бизнис, како многу други занаети во овој регион. Сега е под водство на Мукаи Кунико, која ја води фирмата и целиот процес на правење алкохол. Интересно е што иако традиционално во далечното минато во Јапонија, правењето алкохол било женска професија, со тек на време се создала слика дека тоа е машка професија. Денес пак, повторно се појавуваат жени кои прават алкохол, а Кунико е една од нив.
Специјални чашки за саке, потпишани од познати гости кои ја имаат посетено дестилеријата Мукаи Шозо.
Ајабе – населба со фарми, природа и апсолутна тишина
„Иван-но-Сато“ (イワンの里) е името на куќата на семејството Акимото, кои имаат фарма и примаат гости на претстој во својот дом. Може да се резервира пред време, но гостите мора да знаат јапонски за да комуницираат со домаќините. Хироко и Хидео се одлични готвачи, користат само органски производи и често готват и макробиотска храна.
Јадењата кои тука ги пробавме се уникатни – мешавина од класични јапонски рецепти и специјални рецепти на ова семејство, полни со љубов и гостопримство.
За тие што имаат можност – вреди да се талка низ зафрлените делови на Јапонија за да се искуси и тоа лице од земјата со ултра-модерни градови. Местата како „Крајбрежно Кјото“ имаат посебна душа, но не е лесно да се стигне до нив. А сепак е можно, и мештаните ќе ве пречекаат со топли и отворени домови и срца. На крајот на краиштата, не секое вредно искуство се добива така лесно, затоа и е вредно.
Уште фотки од патувањето:
Автор: Зориа Петкоска Калајџиева