Порто - градот на мостови, тесни улички и заслепувачки глетки
Постојат денови кога ќе се најдеш во некој град што претходно си немал планирано да го посетиш и сфаќаш дека со првото зачекорување и развртување наоколу, стануваш освоен од самата атмосфера и зданијата што се развлекуваат пред тебе.
Во иста таква ситуација се најдов кога пред неколку месеци пристигнав во Порто, од чие неговото латинско име Портус Кале е создадено името на самата Португалија.
После неколку минути, опкружувањето ме спроведе во една британска перспектива, што на момент помислив дека сум во Лондон, а не во Порто.
Можеби црвените телефонски говорници најмногу придонесоа за тоа, заедно со чувството дека се наоѓам во светот на Хари Потер. Сепак, овие први импресии за брзо време се повлекоа.
Веднаш се упатив до историскиот дел на градот Рибеира, кој од 1996 година е прогласен за светско наследство на УНЕСКО. Поминав низ тесни и стрмни сокачиња, насекаде гледав прострени алишта по балкони, старици како си муабетат преку прозорци и деца кои трчкаа наоколу.
Беше толку спокојно соседство, што додека слегував по накосените улици со бавни туристи почувствував како да сум вратен во маалото од моето детство.
Кога се најдов на шеталиштето и покрај реката Дуеро зажарена од сонцето, со ноздрите го надушкав Атланскиот Океан кој беше на одредено растојание од мојата местоположба.
Интересно е што овој град е препознатлив токму по големите мостови што ги има насекаде низ Порто, а никаде во Европа.
Конструкцијата на мостот Дон Луис I надвиснато стоеше пред мене и кога се качив на него се соочив со еден толку спокоен поглед што посакав да останам барем неколку недели во овој португалски град.
Горниот дел од мостот служеше за минување на градското метро и пешаци, а подножјето за автомобили.
Од спротивната страна беа начичкани винарските визби на познатото Порто вино, чии огромни неонски рекламни ме мамеа што поскоро да ги дегустирам нивните вкусови, а под мене гледав како рибари и туристи пловеа во традиционалните рабело бротчиња и уживаа во природната убавина.
За време на престојот воочив дека во Порто немаше толку „лажни дилери“, како во Лисабон. Тоа се луѓе кои цело време нудат трева и кокаин, а всушност продаваат чај и прашок, па токму поради таа причина полицијата не може да ги приведе.
Центарот на градот со неговите готик и барокни цркви беше окупиран од посетители, додека пак малите продавници што продаваат производи од керамика, слики и декоративни елементи им го мамеа погледот на минувачите.
Тука се наоѓа и книжарницата Лело што во еден потег ми го освои срцето со нејзината внатрешност што ми овозможи книжевно уживање.
Градската катедрала од 17 век исто така ми остави голем впечаток заедно со Jardim do Morro, паркот кој овозможува прекрасен видик врз самиот град беше исполнет со заљубени парови кои гледаа во зајдисонце и група на млади луѓе кои свиреа на инструменти.
Токму во такви моменти разговарав со локалци, кои сосема беа отворени за странци и задолжително ми посочија да пробам francesinha. Истата вечер решив да го дегустирам нивниот специјалитет и останав занемен од вкусот.
Таков калоричен сендвич на пет „спрата“ наполнет со колбаси и различен вид на месо, кашкавал, сос од домати и пиво никогаш немав пробано.
И покрај сè, краткиот престој ми овозможи пријатни моменти во град со историја стара илјадници години, со динамичен ноќен живот, со фадо музика, трамваи, многу риби и помисла дека на крајот сепак вредеше што го посетив Порто.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело