Книжарницата што ми го освои срцето со еден потег: Вакво место ни треба во Македонија!
- Детали
- вторник, 23 јануари 2018
Ако некогаш се решите да го посетите португалскиот град Порто, тогаш неминовно ќе се заглавите во една од најубавите книжарници во светот.
Ливрариа Лело или скратено Лело, именувана според браќата Лело кои официјално ја отвориле книжарницата во далечната 1906 година, претставува простор преку кој може да пропатувате низ книжевни светови и туѓу филозофии.
Благодарение на визионерскиот ум на португалскиот инженер Франсиско Хавиер Естевес, однадвор гледано, зданието на книжарницата со нејзиниот нео-готски стил е лесно воочлив, посебно влезните врати со два огромни прозорци и редица на луѓе кои чекаат да влезат.
Мислам дека ова е единствената книжарница во светот каде што се наплаќа влез во висина од 5 евра, но ако купиш некоја книга, на продажната цена ѝ одземаат 4.
Вистинската убавина се крие во внатрешноста на книжарницата. Дрвените полици пренатрупани со книги, резбите, витражите и скулптурите на неколку познати португалски писатели, заедно со пригушеното светло ќе ти овозможи да се почувствуваш како да имаш отпатувано во некој книжевен свет.
Скалите кои со својот заслепувачки изглед ќе те спроведат на првиот кат ќе ти овозможат дополнително книжевно уживање.
Интересно е тоа што Џ.К.Роулинг додека работела како професорка по англиски јазик во Порто долго времето поминувала во книжарницата Лело од каде се родиле многу идеи за нејзиниот мега-хит Хари Потер.
Неколкупати реновирана, овој имот од јавен интерес годишно им отвора врата на над еден милион посетители.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело