Како од сликовница - Топ 10 зимски дестинации во Европа (фото)
Зимската сезона е прекрасна, но магијата некаде блеска многу посилно отколку во вашиот град.
А што не би сакале во зима?
Снег, многу греено вино, вцрвенети образи, многу украси и сијалички, божиќни базари со ракотворби, скијање и санкање, лизгање на мраз или можеби зимски карневал?
Списокот е предолг, исто како и уживањата во зима.
Доколку сте подготвени за нова зимска авантура, ви ги предлагаме следните 10 дестинации во Европа:
Рованиеми, Финска
Можеби ќе ви се чини преполно зимски клишеа, бидејќи Рованиеми во Финска е „официјалната“ земна престолнина на Дедо Мраз.
Може да си помуабетите со него или да се повозите со неговите елени кои се задолжени за влечење на санката.
Божиќните базари во Германија и Австрија
Места каде што вистински може да го почувствувате празничниот дух. Многу рачни изработки, многу топли колачиња и греено вино, локална храна и насмеани лица кои пеат и наздравуваат.
Божиќните базари во Колон, Виена и Минхен привлекуваат илјадници туристи дневно.
Абиско, Шведска
Абиско се наоѓа на најсеверната точка до каде што оди железничката линија во Лапонија и е резервирана само за сериозните љубители на зимата.
Сонцето не изгрева неколку недели во декември и јануари, но затоа ќе бидете сведок на чудесната светлина која се разлева низ пределот, позната како аурора бореалис.
Атина, Грција
Сите стресни ситуации кои го следат летото во Атина – турканицата, високите цени поради туристите, превисоките температури и загадувањето на воздухот, магично исчезнуваат во зима.
Доколку сте подготвени за фотка со Партенонот која нема да ја делите со уште 500 луѓе, зимата во Атина е вашата шанса.
Копенхаген, Данска
Доколку сакате зимска идила како од бајките, најдобро е да се упатите кон домот на Ханс Кристијан Андерсен.
Забавниот парк Тиволи кој датира од 19-от век е особено романтичен за време на зимата, а удобните барови и кафетерии од чии прозорци може да го набљудувате снегот кој паѓа ќе ве стоплат со вареното вино познато како glögg во Данска.
Будимпешта, Унгарија
Подготвени за лизгање на мраз? Будимпешта се гордее со едно од најголемите лизгалишта во регионот познато како Városligeti Műjégpálya.
Доколку студот ве стигне, може да испробате некоја од многубројните раскошни термални бањи низ градот кои ќе ве стоплат и релаксираат.
Јасна, Словачка
Словачка нуди квалитетни скијачи терени по многу пристапни цени. Храната и сместувањето се исто така разумни во поглед на цената. Јасна е најдобриот ски-центар во Словачка, со долги заледени патеки и замрзнати дрвца кои изгледаат како да се излезени директно од разгледница.
Андалузија, Шпанија
Спремни за блага, пријатна зима? Упатете се кон Андалузија. Поевтина е за разлика од другите делови на Шпанија, а во зима нема толку многу туристи околу Севиљската катедрала или палатата, односно тврдината Алхамбра во Гранада.
Плус, сангријата е одлична и за време на зимскиот период, како и неизбежните тапас мезиња.
Трансилванија, Романија
Нормално, со неизбежната посета на дворецот на Дракула. Сепак, доживувањето е многу поинакво во зима, отколку во летниот период.
Брашов и Сигишоара се мали историски средновековни гратчиња оддалечени само 2 часа со воз, кои одлично се вклопуваат во приказната за Влад Тепеш.
Венеција, Италија
Карневалот во февруари е најсветлата точка во Венеција за време на зимскиот период. Раскошни костими, маски кои заплашуваат, град обоен во весел колорит.
Доколку ја имате среќата да начекате малку снег во Венеција кога каналите се заледени, тоа е прилично спектакуларна глетка.
(О)Милена | Црнобело