Од катедралата Александар Невски до планината Витоша: Истражете ги најубавите места во Софија
Ако се наситивте од шетањето по многуте трговски центри во Софија, време е за едно поинакво доживување на бугарската престолнина.
На само 250 километри од Скопје се наоѓа градот Софија. Во престолнината на Бугарија доминира сивата боја и архитектурата од комунистичката ера, но сè повеќе никнуваат и модерни градби.
Софија е прекрасен град, но поради големината може да испуштите некои од неговите најубави места. Таму се кријат илјадници години историја и стилови од различни епохи.
Еве кусо упатство што мора да посетите ако одите на патување во Софија:
Катедралата Александар Невски
Катедралата била изградена во далечната 1884 година под влијание од Руската империја.
Таа е една од најголемите православни цркви во светот и е вистинска туристичка атракција.
Црквата Света Софија
Оваа црква е една од најстарите во градот изградена во 4-тиот век. Во 14-тиот век, по самата црква било именуван и градот Софија.
Црквата е изградена врз темелите на неколку стари цркви од времето на римскиот град Сердика, уништени од страна на Готите и Хуните.
Историскиот музеј на Софија (Централната минерална бања)
Една од најубавите градби во Софија е Централната минерална бања, односно Историскиот музеј на Софија денес.
Големата жолта зграда е преполна со историја, а градината со фонтаната надвор се одлично место за релаксација.
Комплексот Ларго
Овој комплекс во чиј склоп се наоѓаат многу значајни згради пред некое време беше реновиран.
Најдобриот начин да го почувствувате ова место е од археолошкото подземно ниво, каде преку специјален транспарентен таван можете да ги гледате улиците.
Парковите во Софија
Софија е многу зелена, има огромни паркови на разни делови од градот. Јужниот парк и Боровата градина се само дел од задолжителните за посета.
Националниот театар Иван Вазов
Кога е убаво времето луѓето уживаат во прекрасната градина пред Националниот театар Иван Вазов.
Артистичното осветлување и фонтаните пред театарот прават магична атмосфера и по зајдисонце.
Планината Витоша
Софија е благословена да има висока планина на само 30-минутно возење од центарот на градот. Природен парк со многу патеки за качување и свеж воздух - вреди да се посети.
Видиковецот на Витоша
Едно од најдобрите места за уживање во погледот кон Софија е видиковецот на планината Витоша
Треба да возите до локалите Алеко Хут или Копитото и тоа што ќе го видите долго ќе го помните.
С. С. | Црнобело