Како да си поминете поубаво и побезбедно ако одите сами на одмор?
Може ли да си поминете убаво ако одите сами на одмор? Секако дека може!
Постојат многу предрасуди кога станува збор за соло патувањата и токму тоа е причината поради која многу луѓе не се решаваат на овој чекор. Сепак, патувањето сами има многу предности и позитивни страни.
За да не ви биде здодевно и да не се чувствувате осамени, следете ги следниве совети и уживајте во времето поминато со себеси.
Избегнувајте плажи со многу луѓе
Ако одите на плажа каде има гласна музика, забави и многу друштва, може да се чувствувате осамено, па затоа избегнувајте вакви тренди места. Одберете мирна плажа со помалку туристи во која ќе уживате и вистински ќе се одморите.
Пронајдете аранжман со вашите омилени активности
Најдоброто нешто во соло патувањата е можноста да се посветите на нешто што сакате да го правите без да се објаснувате и да се ускладувате со желбите и интересите на другите. Уплатете аранжман кој нуди некоја од вашите омилени активности како на пример планинарење, сурфање, кајакарење, јога и слично. За оние кои се сами, но би сакале да запознаат некого, ова е идеална прилика да се запознаете со истомисленици.
Излезете од рамката
За многумина, одмор без плажа не е одмор. Но, не е секогаш така. Доколку сте сами, можете да одберете малку поинаков одмор, како на пример курс по странски јазик кој се одржува на место кое има плажа, или пак филмски фестивал кој трае неколку денови, па потоа заминете на море. Искомбинирајте ги омилените нешта и загарантирано ќе си поминете убаво.
Уште неколку совети:
1. Секогаш носете повеќе пари од првично планираниот буџет за секој случај.
2. Фотографирајте ги пасошот, визата и патничкото осигурување и испратете си ги фотографиите по мејл. Ова е корисно во случај да ги изгубите документите.
3. Бидете отворени и не се срамете да почнете разговор со локалните жители. Можете да научите многу за местото на кое сте и да стекнете пријатели.
4. Не очекувајте премногу. На вашето соло патување сте дошле за да бидете сами со себе и да се опуштите од секојдневните обврски. Можеби ова нема да биде највозбудливото патување во животот, но во секој случај ќе биде корисно и незаборавно.
М. В. | Црнобело