91 ден во Македонија - Нашата земја на мапата на двајца светски патници!

Има нешто посебно во луѓето кои патуваат. Со нив никогаш не е здодевно. Разговорот никогаш не престанува. Ве фасцинираат со своите искуства и доживувања...

91-den-vo-makedonija-nasata-zemja-na-mapata-na-dvajca-svetski-patnici-01.jpg

Сосема случајно наидовме на Јирген Хорн по потекло од Германија и Мајк Пауел од САД. Ова се двајца дечки со поинаква приказна од сите нас.

Нивната животна приказна во текот на годината се одвива во 4 различни држави или градови – по 91 ден на 4 различни дестинации. И особено ни е драго што во моментов ги живеат своите 91 ден во нашата земја...

...Последни денови во Македонија, како се чувствувате? Дали сакате да заминете? Мислите дека некогаш би можеле да живеете овде подолго?

Македонија е прекрасна локација. Три месеци дефинитивно не беа доволно за да ја истражиме комплетно вашата земја, но мислам дека беа доволно за барем да ја запознаеме од сите страни, од најсеверниот па сè до најјужниот дел, и од исток па до запад. Луѓето се гостопримливи, храната одлична, а природата една од најубавите кои сме ги виделе и доживеале до сега.

Едно е сигурно – ќе ни биде жал што треба да ја напуштиме вашата земја! 91 ден е долг период, а Скопје веќе почнавме да го чувствуваме како „дома“.

Имаме наши омилени ресторани и барови, пријатели, и во нашите срца секогаш ќе има простор за оваа мала земја. Ќе се вратиме еден ден... можеби не за да живееме засекогаш, но дефинитивно за да видиме што се променило во меѓувреме.

Вашата приказна нè воодушеви. Ќе сакате ли на кратко да ги запознаете нашите читатели со идејата за „За 91 ден“?

Отсекогаш сме биле фасцинирани од патувањата. Пред да го започнеме „За 91 ден“, живеевме заедно во Бостон, Берлин, Ирска и Шпанија.

Еден ден, размислувавме каде би сакале да се преселиме и добивме инспирација – кога би живееле подолго време на едно место, би можеле да патуваме на сосема поинаков начин. Да се запознаеме со културата, историјата и буквално да „живееме“ таму.  Не би биле ниту туристи, ниту локалци... нешто измеѓу.

4 различни дестинации годишно звучеа одлично, го поделивме 365 со 4 и така дојдовме до идејата за „За 91 ден“

91-den-vo-makedonija-nasata-zemja-na-mapata-na-dvajca-svetski-patnici-4.jpg

Претпоставувам дека сите се прашуваат од што живеете? Како ги финансирате сите ваши патувања?

Да, сите ги интересира, но многумина се плашат да нè прашаат. Јас (Мајк) сум програмер и работам на неколку веб страни кои ми овозможуваат приходи. Сè додека имам Интернет, можам да работам од било каде во светот. Јирген е професионален фотограф. Понекогаш може да се случи да треба да работи на некој прекуокеански проект па ги паузираме „за 91 ден“.

Нашиот блог полека започнува да ни носи по малку пари. Нудиме електронски книги во кои се собрани нашите искуства, и сега за сега продажбата оди супер. 

Кои се 5-те места во светот кои секој мора да ги посети барем еднаш во животот?

Буенос Аирес, Истанбул и Токио се градови за кои навистина вреди да се потрудите да ги посетите во животот. Би го додал и Берлин – таму живеевме 5 години, прекрасен, град кој е постојано во движење и со многу историја. И Валенсија – од секаде каде што сме биле, ова е градот кои ги освои нашите срца и градот во кој живееме. Климата е совршена, стариот дел од градот е прекрасен, а и е веднаш на Средоземно море.

Како ќе ја опишете Македонија на вашите пријатели? Би можеле да ги убедите да ја посетат?

Имаме многу пријатели што сакаат природа и мислам дека ќе биде многу лесно за убедување! Ако сакате да доживеете чиста природа, далеку од гужвите и брзото темпо на живеење, Македонија е вистинската дестинација.

Планинарење, авантуристички спортови како параглајдинг, скуба нуркање, искачување по карпи – сè што сакате! Но, исто така би ги споменал и прекрасните стари градови и селата како Лазарополе или Маловиште каде имате чувство како да се шетате 100 години во минатото.

Оваа атмосфера е тешко да се најде во другите земји и е навистина освежувачко и пријатно искуство во овој свет на смартфони и Твитер.

91-den-vo-makedonija-nasata-zemja-na-mapata-na-dvajca-svetski-patnici-1

Која е вашата цел? Дали планирате да живеете ваков начин на живот засекогаш, или би сакале да се ситуирате некаде (и каде би било тоа?)

Претпоставувам дека во некој момент ќе мора да забавиме со темпото на живеење, затоа што овој начин на живот знае понекогаш да биде напорен. Веројатно би живееле половина година во Валенсија, а останатите 6 месеци би патувале. Не верувам дека некогаш би престанале со патување... може да се каже дека сме зависни.

Може ли некој да ви се придружи во вашите авантури? Што ако јас сакам да дојдам со вас на вашето следно патување од 91 ден? :-)

Добро прашање :-) Ние ги охрабруваме луѓето да патуваат на ваков или сличен начин и сакаме нашите пријатели и семејство да нè посетуваат низ светот, но сепак би сакале „За 91 ден“ да го сочуваме за нас. Работиме одлично како тим – Јирген ги прави сите фотографии, а јас сум задолжен за пишувањето, не би сакале да го нарушиме тој баланс.

Да се вратиме на кратко повторно на Македонија... Kако се одлучивте да дојдете баш овде? Дали оставивте нешто непосетено за да имате причина да се вратите повторно?

Сакавме да го посетиме Балканот подолго време. Ова е навистина интересен дел од Европа и сметавме дека сега е совршениот период. Туризмот е во пораст, но сè уште постојат многу скриени и недопрени места.

Откако направивме истражување, во потесен избор влегоа Црна Гора, Сараево и Македонија. На крајот се одлучивме за Македонија бидејќи добивме впечаток дека е најмалку откриена.

91 ден е долг период, но не доволен за да посетиме сè! Бевме во Прилеп, но не успеавме да ги прошетаме околните села. Исто така ја прескокнавме Струга и Шар Планина. Би сакале да се вратиме за скијање на Шапка и во Маврово. И, немавме среќа да ја проследиме Галичката свадба – но, кога ќе се вратиме, дефинитивно не би ја пропуштиле!

Топ 5 места во Македонија кои според вас мораат да се посетат?

Уф, ова е навистина тешко затоа што многу зависи каков интерес имате. Може да поминете недели само во планинарење, посета на манастири, малите селца или археолошки локалитети.

Но, според мене ова би бил совршениот микс: Искачувањето од Маркови Кули до манастирот Трескавец во Прилеп, Охридското Езеро, Скопје, Островот на змиите (Голем Град) во Преспа и Кратово.

Малку ми е тешко затоа што морам да оставам неспомeнати уште многу неверојатни места... Веројатно би можел да направам листа со 50 задолжителни локации во Македонија!

91-den-vo-makedonija-nasata-zemja-na-mapata-na-dvajca-svetski-patnici-2

Дали имавте некои непријатни ситуации за време на вашата посета во Македонија? Културен шок можеби?

Најголем дел од луѓето кои ги сретнавме и запознавме беа апсолутно прекрасни.

Ни помагаа, ни даваа совети и сите беа горди на својата земја.

Единствено непријатна тема за разговор беа разговорите на тема етничка тензија. Слушнавме многу неубави работи кои навистина нè изненадија. Се случуваше да добиваме негативни коментари само затоа што сме објавиле фотографија од преубава џамија во Скопје. Сепак, генерално, Македонците ни оставија впечаток на љубезен народ.

Каде сега? Која е вашата следна дестинација?

На пат сме долго, па после Македонија ќе направиме кратка пауза. 2 месеци во Валенсија и малку да се посветиме на работата. После Божик продолжува нашата авантура. Сè уште не сме одлучиле каде ќе одиме следно. Не сме биле во Африка, па голема е веројатноста да биде некоја земја од овој континент.

Што би им порачале на сите оние кои сакаат да патуваат?

Патувањето е најдобар начин да пораснете како личност. Додека осознавате нови луѓе и култури, учите многу и за себе. Патувањето ви дава можност да ги предизвикате своите идеи за светот, но и ве потсетува дека и покрај различните навики и обичаи, сите луѓе на светот се горе- доле исти. Светот е едно прекрасно место, и убаво е да се потсетите на ова од време на време!

Е. П. | Црнобело


Авантурите на Јирген и Мајк можете да ги следите на нивниот блог и на нивната Фејсбук страница.

Дел од фотографиите од нашата Македонија, погледнете во продолжение:

Би можело да ве интересира:

Ова е Македонија: Караџица е како сцена од есенска бајка (фото) Караџица периодов е обоена во најубавите есенски тонови и буквално изгледа како ...
Места во Македонија кои ми недостигаат: Селото во кое израснав, манастирот кој ми носи мир Кога подолго време не живееш во родната земја често ќе се најдеш во ситуацијата ...
Коктел 15 евра, грчка салата 10 евра: Како се движат цените на Tigania, една од најубавите плажи на ... Плажата позната како „грчки Кариби“ е меѓу најскапите на вториот крак, а храна и...
Најпознатите (и најзначајните) градби ширум светот Пирамидите во Египет се како симбол на древен Египет кој ја покажува моќта, но и...
Плажата која ги победи Малдиви за „најсино море“ се наоѓа во Албанија - на 270km од Скопје Чиста тиркизна вода, волшебен поглед, светол песок... Плажата на огледалата (Pas...
Ненеци, народ кој живее „на работ на светот“: Јадат месо од ирваси, преживуваат и на -50°C Секое семејство има по еден ирвас „домашен миленик“. А ирвасите им нудат на Нене...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg