Светскиот патник кој ја посетил секоја земја на планетата
Греам Хјуз од Ливерпул, во ноември минатата година стана првата личност која ја посетила секоја земја на планетата.
Тој посетил 201 земја, без патување со авион. Сепак, неговиот Гинисов рекорд бил прогласен за неважечки заради тоа што руската граница ја преминал нелегално. Тој ќе го повтори своето патување во Русија, но овој пат со целосна документација, така што конечно успешно ќе ја заврши својата три годишна мисија.
Ова финално патување, ќе го заокружи патувањето на Греам Хјуз низ светот без летање, на кое досега потрошил точно 1.426 дена.
Хјуз раскажува како токму неговиот татко му послужил како инспирација и ги охрабрува сите кои имаат желба, да го сторат истото.
„Ова не е искуство во кое ќе бидете сами, како што може да помислите. Принудени сте да запознавате многу луѓе секојдневно. Луѓето често ги спречуваат парите да патуваат. Тие мислат дека патувањата се многу скапи, а всушност тоа е поефтино од школувањето.“
Хјуз во првите две години трошел помалку од 7.000 фунти годишно, додека за последната година потрошил само 3.000. Британецот секој ден трошел во просек по околу 10 фунти, а доста заштедил заради преспивањето на отворено ширум светот.
Уапсен е два пати за време на неговите патувања. Без никакво објаснување еднаш е пренесен на граничен премин, каде останал дури 6 дена.
„Бев бесен и исплашен. Многу викав на стражарите. Не направив ништо лошо, мојата документација беше во ред, но тие помислија дека сум некаков шпион“ – раскажува Хјуз и додава дека чуварите му запретиле со убиство, доколку продолжи да се буни.
Сепак, имал премногу убави моменти, а како еден од најубавите го истакнува пливањето во езеро полно со медузи во еден архипелаг во Пацификот, исто како и набљудувањето на лансирањето на вселенски брод.
„Што повеќе патувате, светот станува помал за вас“ – изјави Британецот кој конечно планира да се смести во Лондон после овој светски рекорд.