Македонка што живее во Бразил: „Зошто сум воодушевена од здравствениот и образовниот систем во оваа држава?“
Појадок и ручек, бесплатни учебници и прибор за сите ученици
Покрај бесплатниот здравствен систем, и образовниот систем во Бразил е бесплатен и многу поразличен од македонскиот.
Прво, најголем плус е што е бесплатен, а сите ученици имаат појадок и ручек на училиште.
Бразил има многу сиромашни делови, сепак е огромна земја, па според власта, барем додека се на училиште децата не смеат да се гладни. За многу деца училиштниот оброк е главниот и често, единствениот оброк до денот. Жално, но вистинито.
За првата смена, денот почнува со појадок, а завршува со ручек, а за втората почнува со ручек и имаат ужинка кој крајот на денот.
Појадокот и ужинката се најчесто бисквити или солени крекери со чај или млеко, а за ручек, полна порција според бразилската традиција, со ориз, грав, салата и некој вид на месо.
За време на пандемијата, кога училиштата беа затворени, секој родител месечно добиваше пакет храна за учениците. Тоа беше акција која ме остави без зборови. Тоа што е наменето од државниот буџет за учениците, навистина се користи за нив.
Покрај секојдневните оброци, учениците на почетокот на годината добиваа нови и неискористени учебници, секако бесплатно и сет училиштен прибор.
Во нашиот мал град, во училиштата кои се под општинска власт, секое дете добива и таблет, а во училиштата под државна власт, секој ученик има статичен компјутер кој го користи во текот на годината.
Таблетите можат да си ги носат дома и се со ограничени програми и апликации и ги враќаат по завршетокот на петто одделение.
Нема технички или стручни средни училишта
Во поглед на квалитетот на образованието немам уште дефинирано свое мислење, бидејќи сè уште се обидувам да го разберам. Она што можам да го потврдам, е дека воопшто не се посветува внимание на англиски и на други странски јазици, судејќи по моите внуци.
А уште полошо е што, ги учат англиски со силен бразилски акцент, што е сосема погрешно.
Образованието е поделено на основно, од 6 до 11 години и средно од 12 до 17-18 години. И сите ги учат истите предмети без разлика на афинитети.
Оние кои сакаат техничко образование, посетуваат наутро настава, а во попладневните часови курсеви. Па, така постојат курсеви за скоро сите професии, дури и медицински персонал, што ми беше вистински шок.
Сè уште не можам да сфатам како може да се стане медицинска сестра со курс од неколку месеци.
Скапи факултети
Уште еден шок ми беше цената на факултетското образование, која е превисока, е за многумина, факултетите се привилегија за богатите.
Еднаш годишно се одржува приемен испит на државно ниво за сите кои планираат да се запишат на факултет. Во зависност од резултатот на испитот се доделуваат стипендии и се одредува на кој факултет кандидатот е примен. Па, така, некои мораат да се преселат на другиот крај на Бразил за своите студии.
Има и приватни факултети, кои нудат плаќање на рати и стипендии, а многу често, студентите, посебно оние од понизок статус, работат и студираат, за да можат да гo платат своето високо образование.
Во последниве години, тренд е медицинскиот факултет во Аргентина, но според објавите на интернет изгледа дека е поевтино да се студира надвор од Бразил.
Униформи за сите
Во маркети, болници, банки, училишта, сите се со униформи, и вработени и ученици.
Најчесто тоа е само блуза со кратки ракави, но секогаш се во униформи.
Униформите на учениците се разликуваат според тоа кое одделение се. Сини за основно, а бели за средно.
Дефинитвно имам уште многу да учам, откривам и осознавам во Бразил, среќа моја, што живееме во мал и безбеден град.
И додека полека и сигурно се навикнувам на секојдневниот живот и сите предизвици, се плашам дека никогаш нема да се навикнам на температурите.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј.| Црнобело / фото: depositphotos.com